СДСМ ја погази правната држава во Република Македонија. Вчерашните апсења, не се производ на правото, туку на деспотизмот на Заев и картелот околу него, ова денеска преку соопштение го потенцираа од ВМРО-ДПМНЕ.
-Власта се плаши од народот и по секоја цена сакa да го заплаши. Апсењата, се последен обид на исплашената власт да ги спречи промените. Залудни се сите местенки. СДСМ паѓа. Граѓаните повеќе нема да прават компромиси кога се работи за владеењето на правото. Кацарска судството и Русковска обвинителството кои служат како алатка за прогон на неистомислениците на власта наскоро ќе треба да одговараат за сите недоследности и законски прекршувања, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека секој еден кој ја злоупотребил својата позиција и спроведувал политички прогон ќе мора да се соочи со лицето на правдата.
-Целата лакрдија која што ја приредува власта ќе има своја правна завршница. Обидот преку уништување на човечки судбини да се дефокусира јавноста од штетните политики, сомнителните тендери во здравството, хаосот во земјоделието, дезавуираното образование, нарушената безбедност и непотизмот кој проникна во секоја пора на општеството ќе биде поразен од граѓаните. Деспотот Заев ќе добие жесток пораз од граѓаните најпрвин на претседателските избори во април, а потоа и на неминовните предвремени парламентарни избори, стои во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.