Новата технологија ги уништи старите занаети – чаршиите се целосно променети, се помалку одекнува чеканот од работилниците, се повеќе ечи музика од кафулињата.
Од стотината калајџии, алваџии, бозаџии, јорганџии, казанџии, кујунџии, папуџии и ковачи денеска само уште неколкумина, претежно повозрасни луѓе ги одржуваат занаетчиските дуќани во старата скопска чаршија.
„Единствено туристите се интересираат за она што го нудам, нашите луѓе велат дека им е скапо а не сфаќаат дека уникатно и трајно, дека за изработка на една шапка некогаш е потребен и цел еден ден“ вели последниот шапкар во старата скопска чаршија.
Слична е судбината и на ковачите, велат дека имаат напорна и тешка работа која не се цени.
„Трошоците се високи, цените се ниски. За да направам една секира трошам струја, ќумур, метал, потребно е и време а крајниот производ едвај оди за 200 денари. Овие секири не се споредуваат со увезените од кина по квалитетот но муштериите не го сфаќаат тоа“ вели еден од последните ковачи во Скопје.
Сепак, има и занаетчии кои работат солидно и заработуваат добро. Ова особено се однесува на оние кои произведуваат накит и кои успеале да ги модернизираат своите креации.
„Моите производи не излегуваат од мода и не губат вредност, но секако мора да ги прилагодувам на модерните трендови. Еве во накитот почнав да вградувам и оригинални Сваровски кристали кои се особено популарни кај младите“ објаснува еден од златарите.
Трендот на изумирање на занаетите не е нов – тие постепено исчезнуваат уште од почетокот на минатиот век а особено по втората светска војна. Во Македонија сега има над 7.000 пријавени занаетчии кои работат во 300 регистрирани дејности но бројката има постојана тенденција на намлување.