Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје оваа година е коорганизатор и домаќин на манифестацијата „Образовно рандеву 2018“, проект на Младинската асоцијација на средните стручни училишта во Македонија – МАССУМ.
Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје како високообразовна институција покрај едукативната и научно-истражувачката дејност, перманентно делува во сегментот на општествено одговорно работење преку реализирање на заедничката образовна мисија за поддршка и насочување на креативноста и инвентивноста на средношколците со цел подобрување на личните вредности на учениците и нивна подготовка за влез во светот на конкуренцијата.
МАССУМ преку проектот Образовно рандеву во изминатите години им овозможува на сите заинтересирани ученици од средните стручни училишта да учествуваат во најразлични активности кои директно влијаат на подобрување на нивните знаења и вештини. Образовното рандеву веќе дванаесет години по ред е најголем образовен настан во Р. Македонија на кој голем број на ученици се натпреваруваат во седумнаесет категории.
Покрај натпреварувачкиот тематски дел, образовниот саем како дел од активностите во склоп на Образовното рандеву е исклучителна можност средношколците да ги претстават своите образовни профили пред академската и деловната заедница, а тие пак изворно да ги информираат и да им помогнат при донесување на одлуката за нивното натамошно образование и кариерен развој.
Свеченото отварање на „Образовно рандеву 2018“ ќе биде на 20.04.2018 година во 11:00 часот во амфитеатарот на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.