Економија 22.06.2018 13:16

Автомобили – поголеми давачки за поголемите загадувачи?!

Автомобили – поголеми давачки за поголемите загадувачи?!

Владата се уште работи на новиот закон за возила со кој освен категоризација на автомобилите според емисијата на штетни гасови најверојатно ќе бидат воведени и „еколошки лепенки“ во различна боја кои ќе покажуваат кој колку загадува. Отворена е можноста поголемите загадувачи да плаќаат повисоки давачки при регистрацијата. Во меѓувреме, по неколку годишен пад, пазарот и на нови и на половни возила конечно се стабилизираше.

Од следната година данок место царина

Наместо акциза во иднина за увоз на автомобили ќе се плаќа данок. Ова го предвидува новиот закон за возила кој се уште е во работна верзија. Тоа значи дека увозниците нема да плаќаат акциза за возилата при самиот увоз, туку данокот ќе се плаќа откако возилото ќе стигне до крајниот купувач.

Се уште не се финализирани параметрите според кои ќе се прават новите пресметки но голем удел треба да има емисијата на штетни гасови. Ова би значело дека за постарите автомобили давачките би биле поголеми.

Дополнително, со законските измени сите автомобили најверојатно ќе добијат и еколошки лепенки кои ќе бидат во различна боја и ќе покажуваат кој колку загадува. Со тоа на полесен начин би се селектирале сите оние кои треба да бидат исклучени од сообраќај при енормно загадување на воздухот.

Нема информации колку би чинеле ваквите лепенки, тестирањето на автомобилите пред нивното издавање и уште поважно – дали поголемите загадувачи би плаќале и поголеми давачки, на пример при регистрација на автомобилите.

Електронско утврдување на вредноста при увоз

Од 1 јуни годинава Царината започна со електронско утврдување на вредноста при увозот на половни автомобили.

Новиот софтвер кој беше ставен во функција е поврзан со база на податоци, во него само се внесува бројот на шасијата и автоматски се прави пресметка колку треба да и се плати на државата за увоз на конкретното возило.

„Постапката е едноставна, овозможува транспарентност и ја сведува на минимум можноста за малверзации“ велат во Царинската управа.

Пораст на увозот и на нови и на половни автомобили

Според податоците на Царинската управа во првиот квартал од годинава биле увезени 1.371 нов и 6.458 половни автомобили што е за 77 односно за 1.710 повеќе во однос на истиот период лани.

Импортерите признаваат дека имаат зголемен промет, но велат дека се уште се далеку од „златните времиња“ кои за нив биле пред 7 – 8 години кога продаваме и четири до пет пати повеќе возила од сега.

„Ситуацијата е значително подобра од пред 3 – 4 години кога бевме во сериозна криза. Има зголемена побарувачка. Сепак, се уште не можеме да се мериме со нашите колеги од регионот кои имаат значително поголем промет. Секако околните пазари се поголеми од македонскиот, но и ако ова се земе предвид ние заостануваме“ вели менаџер во еден од поголемите салони за нови автомобили.

Увозниците се оптимисти – пазарот се стабилизирал и полека се враќал на старите нивоа.

„Нашиот стандард е тој. Оние што можат да си дозволат нова кола веќе си ја купиле, сега чекаме повторно на нив, да ја извозат и да ја продадат па да ја заменат со понов модел. Ова е очигледно бидејќи голем дел од нашиот промет се сведува на замени старо за ново“ објаснува менаџерот.

Поголема раздвиженост има и на пазарот на половни возила.

„Подобро е од лани. Сега некако можам да преживеам. Претходната година беше катастрофа. Се мислев дури и да го напуштам бизнисот“ вели сопственик на плац во скопски Карпош.

Од друга страна на интернет огласниците и натаму има илјадници половни автомобили кои се нудат – на пример Ford Fiesta се продава за 550 евра ако е стар 25 години, а за нешто над илјада ако е стар 10-на години. Се уште може да се најде и по некое Yugo од ’89 или ’90 за кое продавачите бараат околу 300 евра.

Околу 400 илјади регистрирани патнички автомобили

Според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) на македонските патишта, заклучно со крајот на 2015-та година, имало вкупно 383.833 регистрирани автомобили.

Најголем дел од нив, 261.470, се произведени пред 2002-та година односно се постари од 15 години!

Според истите податоци бројот на автобуси изнесувал 3.243, на товарни возила 33.237, на мотори 10.050.

Според ДЗС вкупната бројка на сите регистрирани возила достигнува 442.962. Од нив, 226.513 се на бензин, а 203.643 на дизел гориво.

 

Извор: Денар