Некои хонорарци во соседна Србија се сетиле како да се ослободат од обврската да плаќаат данок – сакаат да основаат верска заедница, пишуваат порталите во регионот.
Сепак, не е лесно да се регистрира верска заедница во Србија.
„Според законот за цркви и верски заедници, за основање е потребно да се соберат 100 потписи (со изводи и сите податоци), потоа да има статут и други податоци што се доставуваат до Министерството за правда за одобрување“, изјави за Прва ТВ Драшко Ѓеновиќ, верски аналитичар.
Ѓеновиќ вели дека нема да успеат во тоа:
„Мислам дека хонорарците немаат шанса да успеат во тоа, веројатно тоа беше повеќе маркетиншки потег“, вели Ѓеновиќ додавајќи дека ова се случува откако некој по пет години се сетил да им наплати ретроактивно, а нивните приходи се претежно нередовни, некои дури веројатно се обиделе и да платат данок, но даночната управа не им излегла во пресрет.
Ѓеновиќ смета дека мора да се најде решение за овој проблем, бидејќи овие луѓе ќе аплицираат за социјална помош.
Пред нешто повеќе од два месеци, Даночната управа при Министерството за финансии на Србија одлучи не само да наплатува даноци од хонорарците, туку и да го стори тоа ретроактивно, со камата за последните пет години. Погодени се најдоа писатели, преведувачи, наставници, дизајнери, програмери, административни работници, истражувачи, аналитичари и многу други. Некои се самоуки, а некои со универзитетски дипломи кои не можеа да најдат работа во своите професии.
Хонорарците дознаа дека ќе бидат оданочувани кога Даночната управа ги покани доброволно да се пријават и да платат половина од заработеното во изминатите пет години, а со каматите то износ достигнуваше и до 80 проценти, со закана за прекршочна и кривична одговорност.