Од МФ во понеделникот го објавија извештајот за извршување на Буџетот заклучно со Мај 2018.
Расходната страна на Буџетот е помала отколку што е планирано, односно трошат помалку од планираното. Дефицитот е реализиран 25% од предвидената сума. Доколку вака се продолжи годината ќе се заврши со многу мал дефицит (1,5 – 2%), а планиран беше 2,9%.
Најголема причина за помалите расходи се ниското ниво на реализација на капиталните инвестиции. Тие за 2018 беа предвидени во висина од 24,144 милиони денари, а заклучно со Мај 2018 реализирани се вкупно 3,337 милиони денари или 13.82%. Во идеални услови овој процент на реализација заклучно со Мај 2018 би требало да биде над 40%, а во реални услови (имајќи в предвид дека никогаш не се реализираат 100%) овој процент заклучно со Мај 2018 би требало да биде меѓу 35% и 40%.
Колку за споредба во 2017 (година на политички кризи) заклучно со Мај 2017 реализирани биле 7,769 милиони денари, односно 29% од предвидените 26,954 милиони денари капитални инвестиции (пред ребаланс на Буџет), а по ребалансот процентот е 32,7% од 23,747 милиони денари за капитални инвестиции.
Јавните инвестиции учествуваат со околу 20% од вкупните инвестиции во државата (согласно податоци од ДЗС) и ваквото промашување во нивно реализирање неминовно ќе води кон послаб раст во БДП.