Повеќето грчки плажи од оваа сезона забрануваат носење храна и пијалаци од надвор, а проблем може да имате и на граница – постојат ограничувања за храната и пијалаците што можете да ги внесете кај јужниот сосед. И цените на аранжманите се малку повисоки од лани, но Егејското Море останува број еден дестинација пред се поради близината.
Нема веќе фрижидерче на плажа
Најголем дел од уредените плажи во Грција воведоа забрана за носење на фрижидери со храна, сендвичи во торби, пијалаци па дури и овошје во кеси. Веќе се појавија и табли со натписи на кои се забранува ваквата пракса.
„Ние бевме на викенд во Калитеа, не ни е прв пат. Но, оваа сезона за прв пат имавме проблем кога на плажа извадивме овошје за да и дадеме на тригодишната ќеркичка. Дојде келнерот и ни кажа дека тоа е забрането, дека се што се јаде и пие на плажата мора да биде купено оттаму“, вели скопјанец кој секоја година оди барем на викенд до грчките плажи и три до четири пати.
Во баровите на плажите лесен оброк чини од 5 до 15 евра, а пијалаците од 1 евро за вода до 3 за пиво.
Цариниците најчесто „замижуваат“
Иако во Грција треба да важат строгите регулативи на Европската Унија кои ставаат ограничувања на количината на храна, алкохол и цигари кои смеат да се пренесат преку границата, нашите туристи засега немаат проблем, тамошните царините најчесто „замижуваат“.
Според официјалните правила дозволено е внесување на најмногу 40 цигари или 50 грама тутун по човек, еден литар жесток пијалак со 22% алкохол или два литри со под 22%, 12 литри пиво и 4 литри вино, по два килограми храна за бебиња и за миленици и по пет килограми овошје и зеленчук. Храната мора да биде произведена во ЕУ и да биде вакуумирана. Готовнината над 10.000 евра, исто така, треба да се пријави кај цариниците.
Годинава поскапи аранжмани за Грција
Годинава цените на аранжманите во Грција се повисоки од лани за 10 до 20 проценти – 7 ноќевања се движат од 150 па и до над 300 евра, во зависност од локацијата и од хотелот.
„Има благо зголемување на цените во однос на лани, но ние настојуваме на нашите клиенти да им обезбедиме најповолни можни услови. Одиме со минимална заработка за да не ги изгубиме сталните муштерии“ велат во една скопска туристичка агенција која главно е фокусирана на аранжмани за Грција.
Цените во маркет горе долу исти
Цените во грчките маркети остануваат речиси непроменети во однос на лани. Така, еден леб чини 1 евро, литар млеко околу 1.5 евра, шест јајца се движат од 1 до 1.7 евра, путер од 4 до 5, кечап од 3 до 4, тестенини 1 до 3, сирење 5 до 7 евра.
На плажите и во кафулињата гиро сендвич е 3 до 3.5 евра, а гиро порција 6 до 8. Пицата е од 7 до 18 евра, скарата од 5 до 20, а рибата од 8 до 60. Кафето чини од 2 до 5 евра во зависност од локацијата каде се служи.
И горивото е значително поевтино во Македонија, па затоа е препорачливо резервоарот да го напоните до врв пред да ја напуштите земјава.
Наполнете го резервоарот
И покрај поскапувањата Македонија се уште има значително поевтин бензин од Грција. Таму литар чини околу 1.6 евра а кај нас 71 до 73 денари односно 1.2 евра.
За да се наполни резервоар со 40 литри на грчка бензинска пумпа се потребни 64 евра, а на македонска нешто околу 48 евра. Приближно истиот сооднос важи и за цените на дизелот и плинот. Грубите пресметки покажуваат дека на овој начин може да заштедите од 10 до 20 евра.
За да возите во Грција задолжително ви е потребна меѓународна дозвола и зелен картон. Дозволата ја издава АМСМ и чини 950 денари. Зелениот картон, кој важи една година или до истекот на регистрацијата, чини 3.690 денари за послаби возила и 5.536 денари за посилни.
Ако возилото не е на ваше име, односно сте го позајмиле од некого или, пак, ви е на лизинг, тогаш мора да имате и полномошно, кое чини 600 денари и важи една година.
Освен за гориво треба да се испланираат пари и за патарини и за траект, доколку одите на некој од островите. Патарините во еден правец од Скопје до Гевгелија чинат вкупно 180 денари, а во Грција над 10 евра, во зависност од крајната дестинација. До Халкидики нема патарини.
Цените за траект драстично варираат, во зависност од локацијата, но најчесто се над 10 евра за автомобилот и над 3 евра за секој патник поединечно.