Бубрезите ја филтрираат крвта и произведуваат урина, преку која штетните материи се излачуваат од организмот, па со самото тоа нивната функција е многу важна за целокупното здравје. Рак на бубрези се јавува сè почесто, а симптомите понекогаш може да бидат добро скриени.
Постојат повеќе типови рак на бубрези, а меѓу нив најчест е карциномот на бубрежните клетки, кај 85% од сите случаи.
Фактори на ризик:
Не е позната точната причина за појава на карцином на бубрези. Сепак, со различни истражувања издвоени се некои од можните фактори на ризик. Луѓето кои пушат, имаат вишок килограми и имаат покачен крвен притисок, се изложени на најголем ризик да заболат од рак на бубрези. За појава на рак на бубрези придонесуваат бубрежните камчиња, хроничните воспаленија на бубрезите, но и изложеноста на одредени хемиски супстанции.
Во рана фаза, ракот на бубрези често нема никакви симптоми или пациентите ги занемаруваат, бидејќи симптомите може да се помешаат со некои безопасни проблеми. Доколку забележите некој од овие знаци и доколку тие не исчезнуваат за неколку дена, добро би било да одите на лекар:
1. Крв во урината
Крвта во урината е најчестиот симптом на напреднат карцином на бубрези, објаснува доктор Џихад Каук од клиниката во Кливленд. Исто така, и невообичаената промена на бојата на урината може да укажува на оваа болест.
2. Болка во долниот дел на грбот или од страните
Знак за болеста може да биде и болка во долниот дел од грбот или од страните. Во случај кога туморот напредува, тој го притиска околното ткиво и тогаш настануваат болки.
3. Постојан замор
Постојаниот замор, тромоста и недостигот од енергија што траат со денови, може да укажуваат на оваа болест.
4. Нагло губење килограми
Бубрезите имаат важна улога во метаболизмот и дигестијата. Ако имате проблеми со разградбата на храна, апсорпцијата и столицата, тоа може да почне да се манифестира со слабеење и губење апетит. Но овие флуктуации не се специфични само за карцином на бубрези. И автоимуните нарушувања може да бидат причина за нив.
5. Анемија
Туморите на бубрезите можат да предизвикаат анемија, неурамнотеженост на електролитите и калциумот и други проблеми поврзани со крвта. Ни овие не се специфични симптоми само за карцином на бубрези, но ако се појават, најдобро е да се консултирате со доктор.
Дијагноза
Бубрежниот карцином може да се дијагностицира со ултразвук или со компјутеризирана томографија, но магнетната резонанца дава детален приказ на туморот и неговото продирање во околните структури.
Лекување
Ракот на бубрези се лекува во зависност од типот на туморот, општата состојба на пациентот, како и од стадиумот на болеста. Кај повеќето пациенти се применува хируршко лекување, дури и кај оние со метастази.