Фудбалот е со години најмасовниот спорт на планетава. Најважната споредна работа на светот која ја играат милиони, а ја гледаат, уживаат во неа и навиваат, милијарди луѓе ширум светот. Спортски бизнис број еден, магија која ги привлекува сите: од најбогатите шеици на Блискиот Исток и европските мултимилијардери до најсиромашните во Африка или Латинска Америка. Една од ретките работи која ги спојува сите нации, вери и раси на светот… А богами и обата пола: посилниот, за чија игра фудбалот се’ уште важи, ама се’ повеќе и понежниот, кој се’ почесто покажува дека малку по малку, срамежливо, но сигурно дамите им се приближуваат на мажите во популарноста кога е тркалањето на „бубамарата“ по зелениот тепих во прашање.
Во Македонија машкиот фудбал, како и насекаде во светот – доминира. Можеби лигата и домашните клубови не ни се нешто баш најсилни, но затоа покажавме дека индивидуални таленти не ни недостасуваат. Особено последниве години, кога најпрвин младата репрезентација, а сега и сениорскиот А тим за прв пат се појавуваат на едно големо европско фудбалско натпреварување.
Пандев, Несторовски, Елмас, Ристовски, Алиоски, Барди, Николов, Адеми... и останатите од нацоналниот А тим сите ги знаеме. Но знаете ли да го кажете името барем на една македонска фудбалерка? На една дама која гордо го носи националниот дрес на женската фудбалска репрезентација на Македонија?
Ако е според умеењето и знаењето, плус убавината, шармот и сексапилот, несомнено една од водечките е таа – Јулија Живиќ!
Симпатичната и шармантна кумановка, која живее во Велес, а игра за клуб од Тетово – ЖФК Љуботен, почнала да се дружи со бубамарата на 8-годишна возраст, за денес да стаса до 20-ина настапи за фудбалската репрезентација на Македонија, каде е стандардна на позицијата десен бек.
Јулија го носи прекарот македонски Марсело, иако професионалната кариера ја започнала како напаѓач, како шпиц што велат фудбалер(к)ите, но принудно потоа стасала до позицијата десен бек.
„Во Борец почнав да играм како шпиц и давав голови, но потоа некако случајно кога настапував за Драгон морав на еден меч да играм во одбраната. Од случајно се претвори во постојано и сега некако и не ми изгледа лошо, иако во прв момент дури и ми се плачеше, кога тренерот на Драгон ми соопшти дека ќе морам да помогнам во одбраната“ – раскажува Јулија за Спортманија.
Постојано на пат меѓу трите македонски градови, згодната Јулија е стандардна репрезентативка, која имаше и куса интернационална кариера на Кипар, од каде мораше да си замине поради корона пандемијата.
„Играв три месеци за Неа Саламина, но морав да се вратам кога почна пандемијата со Ковид-19. Беа задоволни од моите настапи и сакаа да ме задржат на подолг период, но здравствената криза одлучи да си дојдам во Македонија, иако имав понуда и од најдобриот клуб на Кипар, Аполон и можеби во некоја друга прилика ќе имам шанса да се вратам на Кипар “ – раскажува младата фудбалерка.
Но, нејзината приказна е по се’ необична, зашто убавата Јулија всушност е девојка која спојува неколку светови во еден – оној нејзиниот. Покрај фудбалот, нејзино хоби е моделството и манекенството, па така таа веќе е заштитно лице на спортскиот бренд „Асикс“ и членува во модното студио „Моделс Ин“.
Гледајќи ги нејзините физички предиспозиции, телесниот раскош, убавината, ставот и сексапилот, Јулија слободно може да ги засени, да ги „стави в џеб“ или барем да застане „раме до раме“ со некои од најпознатите македонски модели и манекенки.
Расна, стројна, бујна, атрактивна, сексапилна, со бејби-фејс и ангелски лик, Јулија оддава изглед на модел од светските модни писти и насловниците на најпознатите модни магазини.
Впрочем, можеби не е и никогаш нема да биде Меси и Роналдо во фудбалот, но затоа ем има дел од нивното знаење и умеење со топката, ем е поубава, позгодна и посекси од нивните понежни половини: Георгина на Роналдо и Антоанела на Меси!
Освен тоа, Јулија почнува и во спортското новинарството во тетовската телевизија „Кис“, каде помага во подготовката и креирањето на спортските емисии, па на нејзиното животно „три во едно“: фудбалот, манекенството и новинарството, полека ја придодава и четвртата коцкичка во мозаикот – студиите по по психологија, научна област во која ја гледа својата идна животна професија по завршувањето на фудбалската кариера.
„Продолжив и со факултетот, што ми беше во мирување додека бев на Кипар. Студирам психологија и често во соблекувалната им велам на моите фудбалски колешки дека ќе им бидам психолог кога ќе ја завршам кариерата. Засега успевам да ги спојам различнитесветови во мојот живот“ – вели нашата фудбалска репрезентативка.
За крај едно е сигурно: Македонија во неа и во уште некои од останатите девојки има голем женски фудбалски потенцијал.
За тоа како стои со љубовта, дали е во врска, дали можеби некој македонски фудбалер и се допаѓа, или тој неа и „фрлил око“ или како што денес во жаргон се вели: „пробал да ја мува“, дали и девојките на крајот од натпреварот се случува да ги менуваат дресовите или некоја од нив да го соблече дресот кога ќе постигне гол…? И уште многу други интересни нешта – во првата следна прилика со Јулија!
Фото: Инстаграм приннтскрин/zivic.julija
vistina.mk