Цената на електричната енергија се намалува за 0,1% , одлучи Регулаторната комисија за енергетика. Тоа значи дека за месечна сметка за струја од илјада денари намалувањето е еден денар. Новата цена ќе важи од јули годинава. Компанијата произведувач на електрична енергија ЕЛЕМ побарала намалување на цената за 1,5% , ЕВН пак побарала од регулаторот зголемување за девет отсто, а од МЕПСО не бараат ниту зголемување ниту намалување на крајната цена.
„Крајната цена на потрошувачите кои се на регулираниот пазар во Република Македонија, како што најавив и вчера се намалува минимално за 0,1% . Имајќи во предвид дека ова е прва одлука по воведувањето на евтината тарифа минатата година“, рече Марко Бислимоски претседател на РКЕ.
Цената за крајните потрошувачи во моментов не може повеќе од ова да се намали поради намалените приходи на ЕВН, вели претседателот на Регулаторна, Марко Бислимовски. Според него, граѓаните веќе почуствувале бенефит со евтината тарифа на струјата.
Ваквото незначително намалување на цената на електричната енергија од Регулаторната комисија за енергетика го образложуваат со фактот дека со воведувањето на дневната евтина тарифа на струјата, цената е пониска за околу четири насто.
Ова е последен пат на ваков начин да се утврдува цената на струјата за граѓаните пред земјава да воведе либерализација на пазарот со електрична енергија. Слободниот пазар за граѓаните се најавува од март идната година, кога освен фирмите и граѓаните ќе имаат право на избор кој ќе ги снабдува со струја.
За оние кои не сакаат промени, ќе се снабдуваат од универзалниот снабдувач кој треба да се избере на тендер во септември . И со новите правила надлежните не очекуваат драстични промени во однос на цената на струјата, иако се најавија нови трошоци за граѓаните. Дел од експртите пак очекуваат со либералзиацијата да поскапи струјата, бидејќи таа пазарно ќе се одредува и нема фирмите да плаќаат поскапо за да ги субвенционираат граѓаните.
Извор: Алсат