Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи имаше средба со претставници на менаџментот на КОСТАЛ Групацијата.
На средбата беше најавена новата, трета по ред, инвестиција на германската компанија за изработка на делови и компоненти за автомобилската индустрија „Костал”, која во земјава годинава одбележува седумгодишно постоење.
Станува збор за нов инвестициски проект на „КОСТАЛ Македонија” во Охрид за производство на полначи за електрични и хибридни возила, кој што ќе се реализира во периодот јули 2023 – декември 2026 година во вкупна вредност од речиси 50 милиони евра. Заедно со претходните две фази, вкупните реализирани инвестиции на компанијата во Македонија ќе достигнат 150 милиони евра. Бројот на нови работни места кои ќе бидат дополнително креирани за овој инвестициски циклус ќе биде над 300 лица.
Премиерот Ковачевски ја поздрави новата инвестиција на „КОСТАЛ Македонија”, потенцирајќи дека проширувањето на инвестицијата на оваа, како и на другите компании основани од странски инвеститори во земјава е показател за добрите политики на Владата за создавање поволен и предвидлив амбиент за инвестирање.
Со проширувањето на постоечките и вложување во нови инвестиции, како што нагласи премиерот Ковачевски, се испраќа силна порака во светот за поддршката која Владата на Република Северна Македонија ја обезбедува за актуелните и потенцијални инвеститори.
Директорот на „КОСТАЛ Македонија”, Виктор Мизо информираше дека досега компанијата има вложено над 100 милиони евра во фабриката во Охрид, а планот е да се започне со производство со воведување на најновите SAC (Smart Actuator Charging) технологии и системи за полнење од групацијата Фолксваген, истите ќе бидат вградени во најновите модели на: Фолксваген, Шкода, Сеат, Ауди и Порше. Системите за полнење на овие светски брендови за сите хибридни и електрични возила ќе бидат произведувани во Република Северна Македонија. „КОСТАЛ Македонија” ќе стане единствена глобална локација каде ќе се произведуваат овие системи за енергетска електроника, без разлика на тоа каде крајно се склопуваат автомобилите.
На средбата, директорот Мизо ја нагласи важноста на државната помош која „КОСТАЛ Македонија” ја користи од првиот ден на своето постоење, и до сега има добиено финансиска помош во износ од 12,5 милиони евра, а во моментов во компанијата работат 1.020 вработени со просечна плата далеку над просекот во државата.
Дополнително „КОСТАЛ Македонија” инвестира и во производство на најновите кровни модули кои ја користат последната SkinTec технологија која се користи за најексклузивните модели на Daimler како што се: Mercedes EQS, EQE, C + S CLASS, AMG SL.