Во четвртиот месец годинава, во државата се регистрирани 69.934 туристи. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека од вкупната бројка е сочинета од 25,8 отсто домашни или 18.028 и 74,2 проценти, односно 51.906 странски туристи.
Бројот на остварените ноќевања во април е 130.702. Поголемиот дел, или 71,6 проценти се реализирани од гостите дојдени од странство, а 28,4 отсто од домашните посетители. Конкретно, соодносот е 93.530 ноќевања од странци и 37.172 од домашни туристи.
Статистиката упатува на фактот дека во споредбата меѓу годинешниот и ланскиот период јануари – април има раст од 24,3 насто кај бројот на туристите. Всушност, кај странците има зголемување за 46,1 процент, додека во сегментот домашните туристи е забележано намалување за 3,6 отсто.
Во тие четири месеци по нагорна линија се движи и бројот на ноќевањата, кој е за 13,6 проценти повисок од споредбениот лански период. Притоа, кај домашните туристи има пад од 4,8 отсто, а порастот од 29 насто го странските гости.
Главниот град на Македонија во април угостила 27.738 туристи, со што е на првото место според посетеноста. Во Скопје дошле 3.091 посетител од другите градови во државата и 24.647 странци.
Следат езерските места со 24.014 гости – 7.297 домашни и 16.717 странски.
Во графата други места се нотирани 12.047 туристи, од кои 3.125 од земјава и 8.922 од странство.
На планинските места во април имало 4.113 туристи. Домашни 2.979 и 1.134 дојдени од странство. Македонските бањи биле посетени од 2.022 лица. Меѓу нив 1.536 се домашни, а само 486 странски гости. Всушност, забележливо е дека единствено планинските центри и бањските лекувалишта не се толку привлечни за странските туристи, кои се доминантни во сите други делови што ги опфаќа статистиката.
Гостите што дошле во април, најчесто се определувале за хотелско сместување. Забележани се 64.781 турист, кои оствариле 116.434 ноќевања. Потоа следуваат куќи, станови за одмор и соби за издавање, можност која ја искористиле 1.296 лица за 2.426 ноќевања.
Македонија во април била дестинација на 51.906 странски туристи, кои оствариле 93.530 ноќевања.
На врвот од листата се Турците, кои сочинуваат 24,8 отсто од вкупниот број. Конкретно, во четвртиот месец од годинава во државата пристигнале 12.855 гости од Турција кои оствариле 19.289 ноќевања.
Второто и третото место ги заземале соседите. Од Србија дошле 5.730 лица, или 11 отсто од вкупниот број. Тие направиле 11.374 ноќевања. Зад нив се Грците – 4.328, кои во структурата учествуваат со 8,3 проценти, а реализирале 7.219 ноќевања.
Четвртата позиција е за гостите од Германија, со број од 2.711 туристи и 5.221 ноќевање.
Во топ пет се и соседите од истокот. Во април Македонија била домаќин на 2.072 Бугари со 3.135 ноќевања.
Во април државата била посетена и од 12 лица дојдени од други земји од Австралија и Океанија, а по 13 туристи биле дојдени од Белорусија, Јужна Африка и од Луксембург.