Финансии 14.06.2023 11:03

Македонските граѓани може да вложуваат во американски државни обврзници

Македонските граѓани може да вложуваат во американски државни обврзници

Граѓаните на Македонија ќе може да вложуваат во американски државни обврзници. Коста Костадиновски од Капитал Асет Менаџмент потврди дека може да се купат американски државни обврзници по добри цени со годишен принос поголем од 3 отсто.

Обврзницата е финансиски инструмент, кој овозможува сигурност на вложените средства, загарантирана камата и исплата на главницата.
„За голем дел од граѓаните е соодветно да вложуваат во сигурни пласмани со фиксен принос. Тоа е карактеристика на вложувањето во обврзница издадена од САД која има највисока оценка за кредитен рејтинг од повеќе меѓународни рејтинг агенции, како што се „Fitch“ и „Moody′s“. Потоа, има загарантирана камата – кога се инвестира во обврзница се заработува од каматата и од загарантираниот износ на вредноста на обврзницата во моментот на доспевање. Во моментов американските обврзници со рочност до две години се добра можност на пазарот“, вели Костадиновски.
Според него, купувањето на обврзницата се врши во долари, односно нема потреба од нивна размена. Вложувањето е одлична алтернатива на депозити во американски долари, бидејќи банките нудат многу ниски камати за орочените долари, најмногу заради ограничените можности за кредитирање во американски долар.

Секој што сака да купи обврзница, оптимално би требало да вложи приближно 10.000 долари. На пример, доколку се купи обврзница во вредност од $10.000, со рочност до декември 2024, лицето ќе оствари нето заработка од приближно $500, односно 3,14% ефективна годишна камата.