Финансии 27.06.2023 10:45

КОВАЧЕВСКИ: Граѓанската обврзница ќе се појави откако ќе завршат анализите во финансии

КОВАЧЕВСКИ: Граѓанската обврзница ќе се појави откако ќе завршат анализите во финансии

Граѓанската обврзница ќе биде издадена по финализирањето на анализите што се прават во Министерството за финансии и по објавувањето на одлуката за нејзино емитување. Кај граѓанитете веќе постои голем интерес, бидејќи овој инструмент им дава можност да инвестираат во развојни државни проекти, со загарантирана стапка, која ќе биде поголема од пасивните банкарски камати за депозити, соопшти од Свети Николе премиерот Димитар Ковачевски.

„За точниот тајминг на издавањето на обврзницата, за нејзината висина, за рочноста и за каматната стапка ќе мора да завршат сите анализи кои се прават во Министерството за финансии, разговорите кои се водат и со монетарната власт, односно со Народната банка“, рече Ковачевски, кој притоа го изрази и задоволството од заинтересираноста на граѓаните за овој инструмент.

Воедно, наведе дека разговорите со министерот за тоа дека државата треба да издаде граѓанска обврзница биле започнати уште во времето кога тој бил заменик министер за финансии.