Финансии 09.08.2023 13:16

НАЈНОВИ БЕРЗАНСКИ БРОЈКИ: Еве за колку вкупно пари би се продале македонските компании

НАЈНОВИ БЕРЗАНСКИ БРОЈКИ: Еве за колку вкупно пари би се продале македонските компании

Речиси двојно се намалил берзанскиот промет во јули во однос на јуни годинава, покажува најновиот Билтен на Берзата за седмиот месец од 2023.

Намален е и бројот на трансакции, за 32 проценти, но затоа има мал пораст на берзанскиот индекс МБИ 10, како и на пазарната капитализација на котираните компании.

Во јули годинава берзанскиот промет достигнал скромни 3,2 милиони евра, што е намалување за близу 49 проценти.

Податоците од берзанскиот билтен покажуваат дека пазарната капитализација на македонските компании, што значи колку пари би се зеле за нив доколку сите нивни акции се продадат во еден ден, во јуни изнесувала 3,58 милијарди евра.

Во оваа сума влегуваат котираните компании на Берзата, заедно со акционерските друштва со посебни обврски за известување.

Ја пренесуваме пазарната капитализација на најтргуваните акции на македонскиот пазар на капитал. Меѓу првите пет, три се банки, односно првата банкарска тројка во земјава.

Најголемата домашна банка, Комерцијална, во јули имала пазарна капитализација од над 452 милиони евра. Според теоријата, толку пари би се зеле за банката доколку сите нејзини акции се продадат во исти ден.

Фармацевсткиот гигант „Алкалоид“ има пазарна капитализација од близу 406 милиони евра, и со тоа тој е во самиот врв на акционерски друштва според висина на пазарна капитализација.

Следува Стопанска банка Скопје, со пазарна капитализација од над 392 милиони евра, колку што би се добило одеднаш за акциите на најстарата македонска банка, а веднаш потоа доаѓа уште една банка од големата банкарска тројка, односно НЛБ банка, која има пазарна капитализација од безмалку 389 милиони евра.

Најголемиот нафтен дистрибитер „Макпетрол“ на крајот на јули имал пазарна капитализација од 119 милиони евра.

Или, земените во рангирањето 10 најтргувани компании на Берзата, всушност имаат повеќе од половината од вкупната пазарна капитализација на котираните компании.

Пазарната капитализација во јули во однос на претходниот месец е зголемена за 0,71 отсто.

Во јули најголем пораст на цените на акциите имале Единство Струмица, Адинг, Стопанска банка Скопје, НЛБ и Комерцијална банка, додека намјмногу се намалила просечната цена на акциите на скопската Цементарница УСЈЕ.