Убава плата може да се заработи и во туристичка агенција. Особено, ова важи за Бисер травел, каде што минатогодишниот нето-просек бил 61.188 денари. Анализата што ја направи порталот Пари во соработка со БизнисМрежа.мк покажува дека Бисер травел има и најголема добивка меѓу туристичките агенции, а во неа работат под 10 вработени.
Интересен факт е што ниту една од туристичките агенции што имаат најмногу вработени не е во групата на оние што даваат највисоки плати. Минатата година платите во петте туристички агенции со највисока плата биле од 33.600 до 61.188 денари. Притоа, платите во туристичките агенции што биле најдарежливи кон своите вработени, покажале значителен раст во однос на 2021 година (освен Бисер травел, каде имало умерен раст). Зборуваме за раст на плати од 300, па и од речиси 400 проценти!
Најголем раст на платите имало во Авионет. Таму платите „скокнале“ за речиси четири пати – од 8.672 денари во 2021 година на 36.596 денари во 2022 година. Втор најголем раст има кај туристичката агенција Долар, каде платата се зголемила за речиси 3 пати. Така, просекот од 13.997 денари во 2021 година се зголемил на 39.647 денари во 2022 година. На трето место по раст се платите во Вис пој, кои се зголемиле за речиси 69 проценти, со што компанијата стигнала на петтото место како најпосакуван работодавач и лани просечна плата била 33.600 денари, а претходната година била 19.901 денар.
Како што може да се види од податоците, сите просечни плати во петте туристички агенции со највисоки плати биле над минатогодишниот државен просек кој изнесувал 31.859 денари.
ТОП 5 туристички агенции по висина на плата во 2022 година
(денари)
Најмногу вработени, пак, има во Фибула ер травел. Таму работат 152 вработени, но нивните плати не влегуваат во ТОП 5 по висина. Најголемиот работодавач во овој сектор, Фибула ер травел, минатата година го зголемил бројот на вработени во однос на 2021 година за 30. Останатите имале поместувања за неколку вработени.
ТОП 5 туристички агенции по број на вработени во 2022 година