Во текот на шестте месеци од годинава растел бројот на пензии од кои се издвојувале средства за Солидарниот фонд, од 314.579 во јануари до 316.826 во јуни, а вкупниот прилив изнесува 931,3 илјади евра. Заклучно со јуни бројот на пензионерите е зголемен за 12.473, а од списокот се „одјавиле“ 7.246 лица
Ниски пензии, високи трошоци. Пензионерите деновиве водат битка за достоинствен живот – минимална пензија во износ на минималната плата и линеарно зголемување од 3.500 денари. Освен од висината на примањата, незадоволни се и од Сојузот на пензионери, кој не ги поддржа протестите. Оттаму, меѓу барањата е и тоа за негово укинување, а месечната членарина од 30 денари и средствата за солидарен погреб од 150 денари да се плаќаат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Всушност, по ова прашање подолго време се манифестираат сомневања за тоа кој и како ги троши тие пари. И, дали навистина завршуваат кај оние за кои се наменети. Од тие причини, повеќе од десет илјади пензонери не ги плаќаат овие давачки.
Според последните статистички податоци на ПИОМ, кои се за јуни, во Македонија има 337.054 пензионери. Само во текот на тој месец во друштвото на пензионираните пристапиле 1.869 лица. Меѓу нив 1.288 мажи и 581 жена. Според видот на пензијата, 387 се по основа на семејна, 74 – инвалидска и 1.408, кои следејќи го животниот редослед, оствариле право на старосна пензија.
Од почетокот на годината и заклучно со јуни, бројот на пензионерите во државата е зголемен за 12.473. Најголемиот дел од нив, 3.485, оваа 2023 ја стартувале отворајќи ја новата – пензионерска страница. Во вкупниот број пензионирани во тие шест месеци доминираат мажите – 8.468. Нови пензионерки се 4.005.
Темната статистика, која ги евидентира починатите, вели дека во првата половина од годинава 7.246 лица се „одјавиле“ од пензионерскиот список. И во овој случај повеќето од починатите се мажи – 5.953. А, само во јуни се пријавени 1.042 починати корисници на пензија, 824 мажи и 218 жени.
Семејствата кои изгубиле член од семејството добиваат средства од Солидарниот фонд. Тоа произлегува од Законот за пензиско и инвалидско осигурување (член 115 и 116). Познато е, ПИОМ запира дел од пензиите за обезбедување средства кои потоа се исплатуваат во вид на посмртна помош. Задржаните средства се уплатуваат на посебна сметка во рамките на Трезорската сметка со ознака Средства за солидарен фонд – посмртна помош на корисниците на пензија. Издвојувањето на средствата се врши по месечната исплата на пензиите.
Износот што по оваа основа го исплатува ПИОМ е 30 илјади денари. Во првото полугодие од годинава се работи за вкупно 281.640.000 денари или речиси 4,6 милиони евра. Со оваа сума е одговорено на 9.388 барања поднесени од членови на семејствата на починатите пензионери.
Инаку, задршка од пензиите се прави со согласност на корисникот. Оттаму, во текот на шестте месеци од годинава растел бројот на пензии од кои се издвојувале средства за Солидарниот фонд. Од 314.579 во јануари до 316.826 во јуни. Притоа, вкупниот полугодишен прилив изнесува 57.341.910 денари, односно 931,3 илјади евра.
Со години наназад се зборува дека со Солидарниот фонд нешто не е во ред. Во последно време, на тоа гласно реагираат пензионерите организирани во движењето „Тука сме“. Укажуваат, меѓу другото, и на начинот на кој се користат и на кој се управува со парите од Солидарниот фонд. Тие бараат да се одвојат средствата што се плаќаат за таа намена од оние за членарина во пензионерските здруженија. Нудат и докази за ненаменското трошење на пензионерските пари од членарината и од Солидарниот фонд за посмртна помош. Воедно, некаде во април формираа и стручен тим кој работи на измени и дополнувања на членовите 115, 116 и 117 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на задршките од пензиите на име на Солидарниот фонд и членарината.
Инаку, Сојузот на здруженијата на пензионерите во неколку наврати изврши корекции на износот за солидарниот фонд. Во 2017 се работеше за 130 денари. Но, во Ковид-пандемијата, поради зголемениот број починати пензионери, прво ја определи смата од 140, а нешто подоцна се дојде до актуелните 150 денари. Во целиот тој период, членарината е иста – 30 денари.