Од почетокот на годинава масовен тренд на дерегистрација на фирмите. Овие компании продолжуваат да работат, но во сивата зона, за да ги избегнат давачките кон државата. Од Сојузот на стопански комори кои предупредија на оваа појава, велат дека за ваквите потези на бизнисмените заслужни се слабите инспекции и контрола од институциите.
Бидејќи бизнисмените немаат страв од инспекциите и од можноста да бидат гонети, го префрлаат работењето во сивата економија. Податоците на ОЕЦД кои што ги презентираше Комората покажуваат дека сивата економија учествува со 25% во македонската економија.
Според нивните интерни бројки, овој процентот надминува 30 отсто. Бараат од институциите да се зајакнат инспекциите контроли бидејќи има цели погони кои што работат во сивата зона и имаат над 80 вработени, а никој не ги казнува.
„Она што го гледаме е дека компании кои што биле навистина активни на пазарот сега одеднаш, знаете дека луѓето работат, знаете дека луѓето делуваат, меѓутоа компанијата ги намалува деловните активности и истото се сведува или ако не на нула, се сведува на 20 или на 30 проценти. Не дека не работи, туку се префрла во сивата економија“, рече Данела Арсовска, претседател на Сојуз на стопанските комори.
Министерот Зоран Шапуриќ задолжен за подобрување на бизнис климата кажа дека ќе ги провери ваквите податоци со оправдување дека процедурата за затварање на фирми во Македонија е долга и сложена. Најави засилени инспекциски контроли, а ги повика бизнисмените да соработуваат со институциите и сами да пријавуваат кои фирми работат во сивата зона.
„Вие алармирате, тоа е во ред, но мора да кажете тие и тие фирми ни ја нарушуваат конкурентноста, поради дерегистрацила или поради црна економија“, рече министерот без ресор, Зоран Шапуриќ.
Анализата на Сојузот на стопански комори покажува дека сивата економија е најмногу застапена во транспортот, градежништвото, туризмот, угостителството и услужните дејности. Бројките покажуваат дека 55,5 отсто од фирмите во Македонија се борат со нерегистрирани бизнисни, односно со нелојална конкуренција.