Голем меѓународен експеримент со четиридневна работна недела покажа дека таквиот концепт на работа им се исплати и на работодавците и на вработените.
Дополнително, се покажало дека вработените што работеле според овој концепт во продолжението на експериментот, кој бил продолжен од шест месеци на една година, можеле успешно да ги завршат сите зададени задачи со дополнително намалување на работното време.
Со други зборови, колку подолго луѓето работеле на нови, поефикасни начини, толку нивните работни недели станувале пократки.
По шест месеци работниците изјавиле дека се помалку исцрпени, дека нивното здравје е подобрено и дека се позадоволни од работата, а своето просечно работно време го намалиле за околу четири часа, на 34 часа неделно.
Оние што продолжиле со истиот распоред за цели 12 месеци дополнително си го намалиле работното време на околу 33 часа неделно, според истражувачите. Во исто време, тие продолжиле да велат дека имаат подобро ментално и физичко здравје и рамнотежа помеѓу работата и животот.
Ова го покажале резултатите од експериментите спроведени во изминатите 18 месеци во САД, Канада, Велика Британија и Ирска, а го потврдиле искуствата од Австралија и Нов Зеланд.
Различни компании од различни индустрии учествувале во новите експерименти, од непрофитни организации преку дизајнерски агенции до производители.
Концептот на четиридневна работна недела во која вработените добиваат 100% плата за 80% од вообичаените часови додека одржуваат 100% продуктивност во последниве години стана сè попопуларен низ светот.
Непрофитната организација 4 деј вик глобал, која спроведува тестови на овој концепт и работи со владите за да им помогне да креираат соодветни политики, неодамна ја објави четвртата фаза од своето истражување, која се фокусирала на долгорочното влијание на овие експерименти.
Ова е прва студија што следела ваков систем на работа 12 месеци наместо шест месеци. Слични резултати давале и претходно полугодишните анкети, но постоеше сомнеж дека позитивните ефекти се должат на тоа што се работи за новост, и дека со текот на времето може да исчезнат или да се намалат.
Истражувањето опфаќа повратни информации од 988 луѓе што работеле во 41 компанија во САД и Канада, кои минатата година се префрлиле на четиридневна работна недела.
„Испитувањата се позитивни насекаде, со овој нов доказ, кој помага да се отфрли загриженоста дека претходните успеси се резултат на тоа што се новина и не може да се одржат на долг рок“, пишуваат авторите во извештајот.
Освен тоа, истражувањето утврдило дека продолжувањето на работата според новиот систем резултирало со дополнително подобрување на физичката и менталната благосостојба на вработените и истовремено зголемување на продуктивноста.
„Увидите по 12 месеци се исклучително позитивни и придонесуваат за градење силни докази што ги покажуваат трајните позитивни ефекти од намаленото работно време“, велат во извештајот основачите на 4 деј вик глобал, Шарлот Локхарт и Ендрју Барнс.
„Овие резултати покажуваат понатамошни позитивни трендови во деловните придобивки, придобивките за здравјето и благосостојбата, како и влијанијата врз животната средина и обезбедуваат солидна основа за широко усвојување на четиридневната работна недела“, додаваат тие.
Истражувањето покажало дека првичните намалувања на исцрпеноста забележани по воведувањето на четиридневната работна недела во голема мера се одржале по 12 месеци, додека самопроценетите резултати за физичко и ментално здравје продолжиле да се подобруваат во текот на годината.
Од учесниците во студијата, 95% сакале да продолжат со концептот, речиси 70% доживеале намалување на исцрпеноста, 40% се чувствувале помалку под стрес, а анксиозноста се намалила кај 39% од испитаниците.
Мерено на самопроценета скала од еден до пет, каде што пет е најдобриот резултат, менталното здравје на учесниците во експериментот се подобрило од 2,92 пред почетокот на експериментот на 3,42 по една година, додека нивното физичко здравје се подобрило од 3,05 на 3,41.
Имало и голем пораст на самопроценетата продуктивност.
Истражувањето покажало дека вработените што се префрлаат на 4-дневна работна недела продолжуваат да работат поефикасно наместо да се обидуваат да брзаат и да ја натрупаат петдневната работа во четири дена.
Посебно е интересно што компаниите што учествувале во истражувањето многу позитивно го оцениле целокупното искуство, со просечна оценка од 8,7 од 10.
Некои од клучните забележани придобивки биле подобрување на продуктивноста и квалитетот, привлекување нови вработени и намалување на заминувањето на старите.
Приходите на вклучените компании се зголемиле во просек за 15%, додека вработените за 32% помалку размислувале да ја напуштат својата работа.
Ниту една од вклучените компании не изразила намера да се врати на петдневната работна недела. Дури 89% од нив одлучиле дека дефинитивно ќе продолжат со концептот на четиридневна работна недела, а 11% најавиле дека многу веројатно ќе го направат тоа.