Потрагата по нови членови на управни одбори во претпријатијата што се под државна капа, или пак претседатели и директори на различни институции веќе стана секојденвие. Со истекувањето на договорите за ангажирање на членовите на управниот одбор, Владата објавува оглас за пополнвуање на местата. Овој пат на ред дојде огласот за замена на членовите на управниот одбор на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија. Новите членови ќе имаат мандат од четири години, и право на уште еден.
Како што е објавено на веб страната на Владата кандидатите треба да се државјани на Македонија, да имаат стекнато 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен образование и во моментот на именувањето со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност.
Утврдено е дека членовите на управниот одбор треба да имаат и соодветно работно искуство, и тоа: два члена на управниот одбор треба да имаат најмалку пет години работно искуство од областа на дејноста на јавното претпријатие, (согласно со Националната класификација на дејностите публикувана од страна на Државниот завод за статистика). Најмалку еден член на управниот одбор треба да има најмалку три години работно искуство од областа на финансиско работење, еден член на управниот одбор треба да има најмалку три години работно искуство од областа на правните работи и еден член на управниот одбор да има најмалку три години работно искуство од областа на техничките науки.
– Член на управниот одбор на јавното претпријатие не може да има лично, преку трето лице или по било која основа, интереси во претпријатие или трговско друштво кое е во деловни односи со јавното претпријатие, кои можат да имаат било какво влијание на неговата независност и непристрасност во одлучувањето во јавното претпријатие. Секој член на управниот одбор, е должен да го предупреди основачот на постоењето на ваков интерес кај еден или повеќе членови на Управниот одбор. Неспојливи се функцијата претседател и член на управниот одбор на јавното претпријатие со функциите претседател и членови на Владата – се нагласува во огласот поставен на веб страната на Владата.
Она што паѓа во очи во огласот кој го објави Владата се хонорарите кои се планираат за членовите на Управниот одбор. Имено, според огласот, Претседател на УО ќе има надоместок од 12.000 денари, заменик претседател 11.000 денари, додека членовите по 10.000 денари.
Груба пресметка вели дека за исплата на хонорарите на претседателот и членовите на управниот одбор на Железници од буџетската сметка ќе се одвојат над 600 илјади денари. Иако ова воопшто не е сериозна сума, сепак, со оглед на бројноста на јавните претпријатија, и разни други органи под државна капа, како и уште поголемата бројност на членови во управните одобри кои за неколку средби во месецот добиваат солидни суми, граѓаните со право негодуваат околу непотребните трошоци од државната каса, наспроти неостварените обврски на државата кон граѓаните во поглед на остварување на нејзините обврски од областа на здравството и јавното образование, за другите да не зборуваме.
Уште еден специфичен момент кој запаѓа во очи од огласот кој го постави Владата се дејносите кои се набројуваат во рамки на обврските на ова претпријатие.
Меѓу нив: Одгледување на шуми и останати дејности поврзани со шумарството, потоа производство на електронски составни делови, производство батерии и акумулатори, производстов на елетроинсталациски материјал, производство на друга електрична опрема… На долгата листа, која може да ја видите на следниов линк се најдоа и изградба на железници и подземни железници, изградба на мостови и тунели, потоа изградба на електрични водови и телекомуникациски линии, изградба на други објекти од нискоградба, неспомнати на друго место, електро-инсталатерски работи…
Иако компанијата има многу обврски, сепак, железничкиот превоз во земајва не само што не напредува и не се развива, туку се повеќе тоне и се влошува состојбата со веќе изградените станици и пруги. Од осамостојувањето се ветува изградба на пруга кон Бугарија и Албанија, но истата никако да се реализира, а дополнително и она што го имаме слабо се користи.
Краен датум за пријавување на овој оглас е 2.10.2023 година.