Живот 17.10.2023 13:23

Скриеното оружје на американската економија – богатите постари Американци

Скриеното оружје на американската економија – богатите постари Американци

Некои аналитичари се изненадени кога гледаат што се случува во САД – потрошувачката не се намалува и покрај зголемувањето на каматните стапки од страна на Федералните резерви. Одговорот е всушност многу едноставен – нацијата старее, пишува во анализа „The Wall Street Journal“.

Луѓето на возраст од 65 години и постари сега се 17,7% од населението на нацијата, што е рекорд од почетокот на евиденцијата во 1920-та година и значително зголемување од 2010-та година, кога постарите Американци беа 13% од населението. Финансиската состојба им е релативно добра, не земаат кредити за купување домови и имаат подобри позиции на пазарот на труд во споредба со другите потрошувачи. Оние кои сѐ уште плаќаат хипотека, го рефинансираа заемот со многу поволни услови за време на пандемијата од коронавирусот.

Поради оваа причина, политиката на Федералните резерви не ги интересира толку сериозно, истакнува американското издание. Така, постарите Американци формираат одржлива потрошувачка база на која не влијаат податоците за пазарот на трудот, каматните стапки и отплатата на студентските заеми, велат аналитичарите.

Во 2022-ра година, луѓето на возраст над 65 години сочинуваа 22% од вкупната потрошувачка, што е највисоко ниво од 1972-ра година, кога всушност почна да се води ваква статистика, и значително над нивото од 2010-та година, кога постарите Американци реализираа 15% од потрошувачката во земја, покажуваат податоците на американското Министерство за труд.

Расходите за домаќинствата со лице на возраст над 65 години ќе пораснат за 2,7% во 2022-ра година во однос на 2021-ва година, приспособено на инфлацијата. За споредба, домаќинствата со членови под таа возраст трошат 0,7% повеќе од една година порано.

За некои постари Американци, пандемијата на коронавирус промени многу ставови. Еден милион Американци кои починале од оваа болест покажале дека „нема време за губење“, коментира 66-годишната Морин Грин.

„Цел живот штедев за ова и она. Сега имам пари во банка, трошам и сум поблиска со пријателите и семејството отколку порано“, истакнува таа. Грин е брокер за недвижнини, а денес троши 25% повеќе и поминува многу повеќе време на патување со пријателите и семејството отколку во 2019-та година, пишува „WSJ“.

Аналитичарите се категорични дека има значителна промена во животот на постарите лица во САД. Денес тие се многу поактивни – купуваат електрични велосипеди, активно патуваат и прават работи што претходно не можеле да си ги дозволат. Компанијата „American Cruise Lines“, која организира патувања со крстарење, го потврдува тоа – има двоцифрен раст на резервациите на луѓе од т.н. „бејби бум“ генерација во САД (оние родени по завршувањето на Втората светска војна). Најмладите од нив веќе имаат околу 59 години.

Многу економисти сè уште очекуваат дека американската економија би можела да влезе во рецесија следната година.

Но, Ед Јардени, претседател на аналитичката фирма „Yardeni Research“, не е меѓу нив. Тој посочува дека пресметките на ФЕД покажуваат дека само бејби бумовите имаат повеќе од 77 трилиони долари заштеда.

„Постои „дупка“ од 77 трилиони долари во теоријата дека исцрпувањето на средствата акумулирани за време на пандемијата ќе ја потопи економијата“, вели аналитичарот.