Финансии 02.11.2023 12:20

„Триглав осигурување“ со сигурна добивка

„Триглав осигурување“ со сигурна добивка

Компанијата која им помага на клиентите да си ја обезбедат иднината е се попрепознатлива на македонскиот осигурителен простор. Што се согледува преку добивката, која се удвојува како одраз на поголемиот обем на активности кај кои предзнакот е позитивен.

„Tриглав осигурување“ АД Скопје за работењето во периодот до 30 септември оствари нето добивка од 68,6 милиони денари или 1,1 милион евра. Тоа претставува раст од 32,3 милиони денари, односно за повеќе од 524 илјади евра во однос на 2022 година. Бројките, пак, од првата половина на годинава покажуваа профит од 600 илјади евра.

До крајниот резултат е дојдено преку приливите за пласираните видови осигурувања. За девет месеци нето-приходите од премија изнесуваат 822 милиони денари/13,3 милиони евра. Споредено со претходната година, станува збор за раст од 6,6 насто или за речиси 830 илјади евра. Анализите на компанијата велат дека причините за напредувањето во овој дел се „падот на бруто-премијата за 71,9 милиони денари, што делуваше негативно на нето-приходите од премијата; пад на премијата предадена во реосигурување и соосигурување за 58,2 милиони денари, што делуваше позитивно на нето премијата; промената во нето-резервите за преносна премија, во споредба со 2022 година, влијаеше позитивно за 64,4 милиони денари“.

Намалување од 4,6 отсто има кај приходите од финансиски вложувања, кои изнесуваат 42,1 милион денари (683 илјади евра). Притоа, се посочува дека 89 проценти од приходите се однесуваат на камати, а три осто се од наемнини.

Исто така, пад од 7,9 проценти е забележан кај приливите кои доаѓаат од провизии за реосигурување – во износ од 70,4 милиони денари (над 1,1 милион евра). Што се однесува до останатите осигурителни приходи, тие се на минатогодишното ниво, а пак, останатите приходи се пониски за 24,3 илјади евра споредено со 2022 година, односно за 13,3 отсто.

На страната на трошоците, компанијата евидентирала нето-расходи за штети од 393 милиони денари (речиси 6,4 милиони евра), пониски за седум отсто од минатата година. Како причини се наведуваат растот на бруто-ликвидираните штети за 9,4 милиони денари (152 илјади евра; растот на бруто-ликвидираните штети под реосигурување за 6,8 милиони денари (над 110 илјади евра); промената во нето-резервите за штети во споредба со 2022.

Трошоците за бонуси и попусти се 23,4 милиони денари (речиси 38 илјади евра) и се за два милиони денари пониски од лани.

Нето-трошоците за спроведување на осигурувањето во деловната 2023 изнесуваат 376 милиони денари или 6,1 милион евра, што претставува раст од 16 насто во однос на соредбениот минатогодишен период.

Во услови на неизвесност и на заострена конкуренција на осигурителниот пазар, од „Триглав“ сметаат дека ќе ја задржат профитабилноста и сигурноста во работењето. Годинава е планирана премија од 1.570 милиони евра или приближно 25,5 милиони евра, што значи раст од околу 3,5 насто во однос на 2022 година. Притоа, ќе се оди кон дополнителен развој на стратешките осигурителни производи, со што за клиентите ќе се обезбеди врвна, навремена и доверлива услуга.