Запознајте се со лентата со симбол на сончоглед
Кога во маркет, продавница, чекалница, автобус, аеродром, железничка станица или на која било друга јавна површина ќе сретнете лице што носи симбол во форма на лента со сончогледи околу вратот, бидете трпеливи и дајте му предност. Така ќе ја сфатите неговата порака, дека тоа има потреба од дополнителна поддршка поради скриена попреченост или аутизам.
Застапувачите на оваа иницијатива се обидуваат што повеќе луѓе да се запознаат и да се едуцираат за ова, на тој начин што ќе ги препознаваат овие лица по лентата и тие во иднина ќе добиваат предност, без да мора некому да му кажат зошто и да се ставаат во непријатни ситуации.
Иако оваа иницијатива во Македонија е нова и засега таа дејствува само преку социјалната мрежа Фејсбук, со групата „Сончогледи за невидлива попреченост“, сепак, во светот оваа појава веќе е позната и се применува.
Јасна Милкиќ, како главна иницијаторка на оваа иницијатива, вели дека на овој начин сакаат да ја издигнат свеста кај сите за луѓето со невидлива попреченост, на тој начин што ќе им се даде помош, поддршка и ќе се зголеми самодовербата кај овие лица..
За оваа цел, таа стапила во контакт со отец Оливер и Маргарет Курт, кои веќе е познато дека помагаат преку хуманитарната организација „Свети Спас“.
Тие апелираат јавноста, невладините организации, фирмите, здруженијата да помогнат оваа иницијатива да се примени и кај нас, на тој начин што би донирале ленти со сончоглед или, пак, би помогнале во нивната изработка, кои потоа би им се дале на лицата со невидлива попреченост и тие би ги користеле во секојдневниот живот.
– Нашата цел е оваа идеја и иницијатива да биде одобрена од државата и да се практикува и во Македонија – истакна Милкиќ.
Според неа, чекањето во ред во една институција може да биде невозможно за едно дете со аутизам.
– Ако видите дека некој носи видлива лента со сончоглед, значи дека таа личност или лицето што го придружува може да има скриена попреченост, физичка или психичка. Ако ги пропуштите тие лица во редот, ќе им пружите повеќе разбирање и помош – посочува Милкиќ.
Идејата за сончогледи потекнува уште од 2016 година, кога лондонскиот аеродром се запрашал како би ги препознале лицата со невидлива попреченост. Тогаш приватна компанија го креира брендот „Сончоглед“, кој ќе помогне дискретно да бидат забележани лицата на кои им треба помош и повнимателен однос кон нив. Го зеле симболот цвет од сончоглед зашто симболизира радост, позитива, сила, самодоверба.