Финансии 03.11.2023 11:34

Намалените трошоци ја зголемија добивката на Цементарницата „Усје“

Намалените трошоци ја зголемија добивката на Цементарницата „Усје“

Позитивни се финансиските резултати на Цементарница „Усје“ од работењето во трите изминати годинешни тримесечија. И покрај намалените износи остварени од продажбите и на домашниот и на странските пазари, добивката е значително повисока од забележаната во истиот период од 2022, за што големо е влијанието на трошоците кои се пониски за десеттина милиони евра.

Добивката на компанијата пред финансиските трошоци, даноци и амортизација е во износ од 1.421.630 илјади денари, речиси 23 милиони евра, и е за девет милиони евра над онаа во споредбениот период (870.266 илјади денари/14 милиони евра). Во нето-износ деветмесечниот профит е 17,7 милиони евра (1.099.561 илјади денари) за разлика од ланските десет милиони евра (621.219 илјади денари).

На домашниот пазар, од пласманот на готови производи и услуги се инкасирани 48,6 милиони евра (3.011.864 илјади денари ), износ за повеќе од милион евра понизок од евидентираниот на крајот од третиот квартал лани – 49,7 милиони евра. Приливите од странските пазари се пониски за нешто над 700 илјади евра – годинава 1.546.390 илјада денари или речиси 25 милиони евра, во 2022 – 1.596.424 илјади денари/25,7 милиони евра.

Притоа, вкупната сума од остварената продажба во периодот од јануари до септември е 4.558.254 илјади денари, односно 73,5 милиони евра (лани 75,4 милиони евра).

Работните активности на Цементарницата биле проследени со помали трошоци од минатогодишните. Оттаму, кај оперативните расходи е евидентиран износ од 3,395,250 илјади денари или близу 54,8 милиони евра. За споредба, лани се работело за 66,2 милиони евра.

Цементарницата „Усје“ речиси седум децении произведува цемент и други градежни материјали. Членка е на Групацијата „Титан“. Се вбројува меѓу најголемите компании во земјата, која вработува повеќе од 250 лица. Управува со три рудници, а производите, освен на домашниот, ги пласира и на пазарите во регионот, Албанија, Косово и Бугарија.