Живот 21.11.2023 10:28

И ниските европски плати се недостижни: Што бараме во ЕУ со годишен просек од 7.000 евра?

И ниските европски плати се недостижни: Што бараме во ЕУ со годишен просек од 7.000 евра?

Платите се „ахилова пета“ на сиромашните земји, па разбирливо е што нашиот премиер се обиде примањата да ги искористи како еден од клучните факти за тоа што не очекува кога ќе станеме дел од Европската унија. Месечни приходи повисоки за 70 до 100 проценти! Звучи примамливо за нашиот просек од некои 590 евра на месечно и седум илјади евра на годишно ниво. Сепак, и да се случи тоа, повторно многу ќе заостануваме. И тоа позади членките на ЕУ каде што се исплатени најниските плати.

Достигнувањето на одредено европско ниво во поглед на примањата воопшто не е едноставно. И Грците можеби сакаат да бидат Исланѓани, но не им успева. Разликата во платите е педесеттина илјади евра на годишно ниво. Тоа го покажува европската статистика базирана на минатогодишните податоци.

Со просечна годишна плата од 73.642 евра Исланд е како Мон Блан во Европската унија. На спротивната точка е Грција со 24.067 евра. Но, не смее да се занемари фактот дека пред неколку години земјата на боговите беше заглавена со државниот долг и се соочуваше со банкрот, а голем број граѓани се иселија. Веројатно, тие случувања се уште се одразуваат врз економијата и врз платите.

Во друштвото земји со највисок годишен просек на примања се и Луксембург со 72.529 евра, Швајцарија со 67.605, Белгија – 63.758 и Данска – 59.405 евра.

Дека се подобри од Грците, можат да се пофалат Словаците со просечна годишна заработувачка од 24.337 евра. Над нив се Унгарците – 26.376 евра, Португалците – 29.540 евра и Чесите со просечни 30.967 евра.

Статистиката за 2022 покажува дека во ЕУ еден работен час во просек чинел 30,5 евра. Саатнината била највисока во Луксембург, 50,9 евра, а најниска во Бугарија – 8,2 евра.

Иако Унијата се смета за една целина, условите се разликуваат од земја до земја, па оттаму и расчекорот во примањата, врз кои влијаат низа фактори. За Исланд се наведува дека покрај примањата, високи се и цените, па се вбројува меѓу најскапите земји во светски рамки. Се соочува и со инфлација, чија стапка минатата година била 8,3 проценти, па под тој притисок работниците бараат поголеми плати. Во Луксембург и во Швајцарија силни се банкарскиот и финансискиот сектор, што е солидна основа за платите во тие држави. Освен тоа, швајцарскиот банкарски систем има и завиден степен на приватност на комитентите.

МАШКИ И ЖЕНСКИ ПЛАТИ

Како и секаде во светот и во ЕУ има машки и женски плати за исто работно место. За родовиот јаз во платите се наведува дека во 2021 година изнесувал 12,7 проценти, при што предничи Естонија со расчекор од 20,5 проценти. Во последната деценија разликата се намалила за 2,8 отсто, но и натаму напредокот во таа насока мошне споро се одвива, сметаат од Европската комисија.

Пред неколку дена, на 15 месецов, беше одбележан Европскиот ден на еднаква заработувачка. Досетливите коментираа – од денес па до крајот на годинава жените ќе работат „бесплатно“ во споредба со колегите. Или, за секое евро што ќе го заработат мажите, жените ќе добијат 0,87 евра.

Луксембург се истакнува и на овој план. Жените заработуваат 0,7 проценти помаку од мажите.

На листата потоа следат Романија со јаз од 2,4 проценти, Словенија – 3,1, Италија – 4,2, Полска со разлика од 4,5 проценти.

Состојбата е полоша кај 11 членки од европското семејство, каде што распонот меѓу машките и женските плати е поголем од просекот на ЕУ. Односно веднаш по Естонија е Летонија, каде што исто така разликата е над 20 проценти. Понатаму, жените во Австрија имаат за 18,9 отсто пониски плати од мажите, а во Германија за 18,3 проценти.

Иста плата за иста работа плата е основниот принцип на ЕУ и затоа е многу важно да се обезбеди транспарентност на заработката. За надминување на родовата нееднаквост потребно е да се измени структурната нерамнотежа во општеството, сметаат од ЕК. Притоа, посочуваат дека Унијата е близу до остварување на родовата рамнотежа во управните одбори на корпорациите. Но, за целосно да се елиминира разликата, членките на ЕУ мора да го направат што подостапно квалитетното образование со што девојчињата би биле опфатени уште од раното детство. Што е предуслов за натамошното учество на жените на пазарот на трудот.

Инаку, според ЕК, девет од десет Европјани сметаат дека е сосема неприфатливо жените да добиваат пониски плати од мажите за исполнување исти работни обврски. Исто така, повеќето работници искажале согласност во компаниите каде што работат да се објавуваат јавно просечните примања по вид на работно место и по полова припадност.

НА СТАРИОТ КОНТИНЕНТ НАЈМНОГУ СЕ ЦЕНИ ТРУДОТ ВО ЛИХТЕНШТАЈН

Најголемата просечна плата, на територијата на цела Европа, се заработува во Лихтенштајн, покажуваат податоците на ОБСЕ, кои исто така се однесуваат за 2022 година. Оваа мала држава сместена помеѓу Швајцарија и Австрија, има силен финансиски сектор кој има и најголем придонес за високиот стандард. Има околу 40 илјади жители и месечен просек на плата од 7.046 евра.

Предноста е во даноците. Добивките на компаниите се оданочуваат со ниски стапки, речиси двојно пониски од европскиот просек. Затоа таа држава е избор за седиште на повеќе илјади фирми. Вториот главен извор на приходи е зимскиот туризам.

Уште една алпска држава е на високото второ место, според податоците на ОБСЕ – Швајцарија со просечна плата од 5.522 евра. Сличи се со соседот по ниските даноци и зимскиот туризам.

Понатаму, на листата највисоки примања на стариот континент се Данска со 4.149 евра, Луксембург со 3.699, Норвешка – 3.386, Исланд – 3.377, Сан Марино – 3.237, а со месечен просек од 3.086 евра на последното место е Ирска. Оваа земја е последна затоа што е најблиску до минималната граница од три илјади евра, над која се рангираат државите со највисоки плати.

Таа граница не ја минува најсилната економија. Просечната плата во Германија лани била 2.831 евро.

Најниската просечна плата е забележана во Украина – 306 евра, што е и очекувано со оглед на војната што се води на нејзината територија. На самото дно е и Белорусија со 483 евра, а во Русија просекот е 588 евра.

Што се однесува до поранешните ју-републики, прва по просечната плата од 1.442 евра е Словенија. Хрватскиот просек лани изнесувал 1.163 евра. По овие две држави – членки на ЕУ, е Црна Гора со 800, Србија со 714 и Босна и Херцеговина со 652 евра. Да не е Косово со 446 евра, Македонија би била последна со ланските просечни 557 евра.

Сепак, од земјите во регионот сме подобри од Албанија – 507 евра. Во регионот, според податоците од ОБСЕ, Романија е со 924, а Бугарија со просечна плата од 822 евра. ()