За еден месец акцијата на РК од губитник во 2023 година се врати на претходната вредност од 2.000 ден и со мал број на купени и продадени акции. Со забележаниот раст од 42,86 проценти изби на првото место од листатат акции на официјалниот пазар со остварен најголем пораст.
На 31 јануари, според податоците од месечниот билтен на Македонска берза, просечната цена на акцијата издадена од оваа компанија изнесувала 2.000 денари. Состојбата на 28 декември лани била 1.400 денари. Со ова движење, всушност, акцијата на „Раде Кончар“ го смени и друштвото –2023 ја заврши како петторангирана меѓу хартиите од вредност со најголем пад. Па, уште малку недостасува да го достигне нивото од 2.100 денари на кое се наоѓала на крајот од 2022.
Месечен исчекор е направен и кај акцијата на скопски „Адинг“. Од 1.000 (декември 2023) на 1.200 денари. Што е раст од 20 проценти.
УНИ банка го држи третото место на оваа листа, на кое и беше според минатогодишните податоци. Во јануари просечната цена се зголемила за 11,75 насто и изнесува 6.331 денар, а значаен е и податокот дека акцијата на оваа банка беше шеста меѓу десете најтргувани. Инаку, на последниот работен берзански ден од 2023 имаше вредност од 5.665,15 денари.
И Комерцијална банка е на истата позиција, обезбедена со растот од 11,65 проценти. Убедливо најтргуваната акција на Берзата го зголемила својот вредносен просек од 14.226,83 денари (28.12.2023) на 15.884,47 (31 јануари).
Оваа позитивна листа завршува со Прилепската пиварница. Просечната цена на акцијата е 33.501 денар. Постигната по остварениот раст од 11,3 насто, во однос на просекот од декември – 30.101 денар.
Берзанската статистик ги бележи и акциите кои во текот на првиот месец од оваа година се соочиле со најголемо опаѓање.
Списокот со предзнак минус го предводат акциите со тетовско „потекло“.
Почнува со акцијата на „Тетекс“. Кај неа има намалување од 5,65 проценти. Притоа, просечната цена е со пад од 169 денари и е во износ од 2.820 денари.
Следува ТТК банка, чија акција од 1.450 (крај на декември) малку се спуштила – на 1.419 денари, што претставува пад од 2,14 отсто.
Со минус од 2,06 проценти, акцијата на „Гранит“, која исто така е меѓу најтргуваните десет, го заокружила јануари со просечна цена од 1.155 денари (претходна 1.179,25 денари).
И, на последното место е акцијата на „Макошпед“, со намалување од 0,45 проценти. Меѓу декемвриската и јануарската просечна цена има само еден денар разлика – од 220 на 219 денари. ()