Производството на топлинска енергија во Скопје со користење на топланите „Исток“ и „Запад“ е значително помалку исплатливо затоа што тие не се доволно ефикасни. Когенеративните постројки, кои што со природен гас произведуваат електрична енергија, а секундарен продукт им е топлината, се многу подобро решение. Токму ваква постројка меѓународната компанија „Митилинеос“ ќе гради во новата зона под надлежност на Дирекцијата на ТИРЗ, „Енергија Скопје“, која што се наоѓа во дел од комплексот Железарница.
Новата когенеративна постројка ќе биде голем плус за топловодниот систем за загревање на домовите во главниот град. Спротивно од ставовите што делумно се споделуваат во јавноста, гасната централа ТЕ-ТО, нема да се истисне, туку со новата когенеративна постројка мрежата со парно ќе може да се прошири. Ова во интервју за „Слободен печат“, го потврдува и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски.
– ТЕ-ТО нема да се истисне. ТЕ-ТО и „Митилинеос“ ќе продаваат топлинска енергија по методологија што ја донесе Регулаторната комисија за енергетика. Тоа што важи за ТЕ-ТО ќе важи и за „Митилинеос“. Сега во моментов, цената на ТЕ-ТО што би важеле за „Митилинеос“ е 2,4 денари за киловат-час, а цената на топланите Исток и Запад е 5,3 денари. Топланите Исток и Запад сега ги раководи ЕСМ, а тие се многу понеефикасни од когенеративните топлани и затоа нивната цена е повисока. Во моментов 60-ина проценти доаѓа од ТЕ-ТО, но тој процент е различен. Ние инсистираме што е можно повеќе енергија да доаѓа од ТЕ-ТО. Исток и Запад сега мора да работат, но е потребно што е можно повеќе да ги заминуваме со когенеративно производство. Ние имаме огромен „базен“ на домаќинства кои треба да ги натераме со поевтина цена да се приклучат на топлинска енергија. Ако ослободиме 200 до 300 мегавати електрична енергија, ЕСМ ќе ја продава на слободниот пазар и ќе заработува повеќе – вели Бислимоски.
Освен што може да донесе заштеди за домаќинствата, приклучувањето на повеќе домови во системот на парно во Скопје ќе помогне да се намали загадувањето. Моментно, согорувањето биомаса, односно загревањето на домовите со дрва, е најголемиот засебен извор на загадување на воздухот во Скопје.
Ова го потврди извештајот од научното истражување на лабораторијата AMBICON.UGD и Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип. Студијата беше објавена во научното списание Environmental Modeling & Assessment.
Во текот на истражувањето, кое што траело цела година, били следено нивото на најситните, ПМ 2.5 честички, во воздухот. На две локации во Скопје, за 32 отсто (Ново Лисиче) и за 33 проценти (Карпош) од загадувањето причината било согорувањето биомаса. Овие вредности се просечни и се однесуваат за целата година, но ако се има предвид дека загревањето со дрва е сезонско, тој обем е уште поголем во зимските месеци, заклучуваат истражувачите. ()