Позитивните резултати од 2023 година во бизнисот со осигурителни полиси се прелеаа и во првиот месец од годинава. Официјалните податоци од Агенцијата за супервизија на осигурувањето покажува дека граѓаните и во оваа година ќе продолжат со засилено темпо да ги осигуруваат своите автомобили, домови, канцеларии, да купуваат полиси за здравствено осигурување, но и да си го осигуруваат животот.
Податоците од АСО покажуваат дека во јануари 2024 година граѓаните купиле полиси за автоодговорност во висина од речиси 6,5 милиони евра. Податоците на Агенција покажуваат дека за осигурување на имот граѓаните вложиле 3,3 милиони евра, потоа – за каско осигурување на возилата граѓаните купиле полиси во вреднсот од 1,5 милиони евра. За здравствено приватно осигурување податоците велат дека се вложени три милиони евра од страна на граѓаните. За осигурување од незгода во јануари се купиле полиси од осигурителните компании во висина од 2,3 милиони евра.
Од Агенцијата за супервизија на осигурувањето велат дека оваа индустрија има континуиран раст во последниве три години.
Добивајте вести на Viber
„Растат вложувањата во осигурување, расте исплатата на штети како во број така и во обем на исплатени средства. Расте и бројот на компании за осигурување. Сегментот на осигурување живот во последниот квартал на 2023 година е збогатен за уште една компанија и сега на овој сегмент конкурираат шест компании. Се очекува на сегментот неживот годинава да стартува со работа уште една компанија. Сите овие параметри покажуваат дека АСО како независен регулатор добро ја врши својата работа за надзор и контрола и создава услови за раст на пазарот на осигурување. Тоа го покажуваат резултатите за кои зборувавме досега. Дополнителен аргумент кој потврдува дека АСО придонесува во создавање поволна деловна клима за осигурувањето е фактот што се основани две нови друштва за осигурување. Нивните акционери процениле дека вреди да вложат најмалку седум милиони евра кои влегуваат во нашата економија“, велат од Агенцијата за супервизија на осигурувањето(АСО).
Доколку се анализираат податоците може да се забележи дека 2023 е најуспешната година во историјата на осигурувањето во Македонија.
Вкупните вложувања во двете групи осигурувања: неживот и животни осигурувања надминаа 233 милиони евра. Ова е највисока годишна вредност на вложувања во осигурување во нашата земја на сите времиња. Вложувањата на осигурениците во 2023 се поголеми за 25 милиони евра во однос на 2022 година. Вредноста на исплатените штети достигна 94,7 милиони евра и тоа е 14 отсто повеќе од 2022 година. Бројот на сервисирани штети e за 23 отсто поголем во споредба со 2022 година. Исплатени се оштетни побарувања на повеќе од 132.000 осигуреници. Најголемата штета е исплатена за осигуран имот и нејзината вредност надминува 2 милиони евра. Тоа е случај во кој бил опожарен имот на компанија. Обештетувањето во целост ја покри штетата.
„За АСО како регулатор на осигурителниот пазар најзначаен индикатор е годишното ниво на исплатени штети. Тој параметар е многу значаен при формирање на заклучокот за тоа на кое ниво е заштитата на осигурениците односно како осигурителните друштва ја вршат нивната работа“, додаваат од Агенцијата за супервизија на осигурувањето.
Во периодот што следи планот е да се либерализира пазарот со полиси за автоодговорност и зелениот картон да биде дел од регистрацијата на моторни возила. ()