Американските регулатори, Федералната трговска комисија (FTC) и Министерството за правда (DOJ), најавија отворање антимонополски истраги против компаниите Microsoft, OpenAI и Nvidia. Истрагите ќе се фокусираат на влијанието на овие компании врз индустријата за вештачка интелигенција, пренесува CNBC.
FTC ја презема истрагата за Microsoft и OpenAI, додека Мнстерството за правда ќе ја истражува Nvidia. Фокусот на овие истраги ќе биде на деловното однесување на компаниите, а не на спојувања и преземања, според извор запознаен со ситуацијата. Истрагата првпат ја објави Њујорк Тајмс.
Додека стартапите како OpenAI и Anthropic, креаторите на популарните чет-ботови ChatGPT и Claude, добиваат место на пазарот на генеративна вештачка интелигенција, технолошките гиганти како Google, Microsoft, Amazon и Meta брзо ја интегрираат оваа технологија за да се осигураат дека нема да заостанат на пазарот кој се проценува дека ќе достигне над трилион длар приход во следната деценија.
Microsoft првпат инвестираше 1 милијарда долари во OpenAI во 2019 година, а големината на неговата инвестиција оттогаш порасна на околу 13 милијарди долари. Microsoft широко ги користи моделите OpenAI за својот чет-бот Copilot и нуди модели со отворен код на својата услуга за облак Azure.
Неопходни се значителни инвестиции затоа што моделите со вештачка интелигенција се познати како скапи за изработка и обука, за што се потребни илјадници специјализирани чипови кои досега главно доаѓаа од Nvidia. Meta, која развива сопствен модел наречен Llama, рече дека троши милијарди на графичките процесори на Nvidia, што е една од причините за годишниот пораст на приходите на производителот на чипови за повеќе од 250%.
Веста за претстојната антимонополска истрага доаѓа само неколку дена откако група сегашни и поранешни вработени во OpenAI објавија отворено писмо. Во писмото се изразува загриженост за брзиот напредок на индустријата за вештачка интелигенција и покрај недостатокот на надзор и отсуството на заштита за свиркачите кои сакаат да проговорат.
Вработените во писмото напишале: „Компаниите со вештачка интелигенција имаат силни финансиски стимулации за да избегнат ефективен надзор и не веруваме дека специјалните структури за корпоративно управување се доволни за да го променат ова. Компаниите во моментов имаат само слаби обврски да споделуваат одредени информации со владите, а ниедна со граѓанското општество. Не можеме да се потпреме на тоа дека доброволно ги споделуваат”.