Над една милијарда евра потрошил Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) во текот на целата мината година. Најголем дел од парите се за пензии на осигурениците. Фондот се финансира од придонесите кои ги уплатуваат граѓаните, но и од државниот буџет. Со буџетски пари се покрива дупката во Фондот секоја година и таа од година в година значително се зголемува. Ќе има ли лек за оваа ситуација и какво ќе биде решението засега е непознато. За една деценија или од 2007 до 2017 година приходите на ПИОМ се зголемиле за 64 проценти, додека трансферите од буџетот кон фондот пораснале за дури 174 проценти. Во истиот период трошоците за исплата на пензиите се зголемиле за безмалку сто отсто.
Неколку меѓународни институции, но и домашната експертска јавност сугерира да се зголеми старосната граница за пензионирање или да се зголемат придонесите, потези кои треба да придонесат да се намали минусот кој редовно се јавува во државниот пензиски фонд. Деновиве е актуелна најавата дека одредени категории вработени сепак ќе се пензионираат со пониска старосна граница. Според податоци од завршната сметка на ПИОМ, на еден пензионер има 1,9 вработени.
КОЛКУ ПОЗАЈМУВА ФОНДОТ ЗА ДА ГИ ИСПЛАТИ ПЕНЗИИТЕ
За десет години или од 2007 година наваму приходите особено тие кои за државниот буџет се трошок а за пензинскиот фонд се книжат како приход пораснале за 174 проценти. Имено во 2007 година од буџетот на државата се префрлени 169 милиони евра, додека во 2017 година трансферот изнесува 463 милиони евра.
Ако се анализира само 2017 година, вкупните приходи на ПИОМ во 2017 година изнесуваат 1,062 милијарди евра. Од овие пари како изворни приходи или тие од придонесите се водат 579 милиони евра. Околу 44 проценти од сите приходи се пари од буџетот на државата. По таа основа на сметка на ПИОМ леганле 463 милиони евра. Приходи на ПИОМ се и дел од акцизите, но и од остварени дивиденди каде фондот е акционер. Ставка која е најинтересна и за јавноста е таа која се однесува на парите префрлени од буџетот. Тие лани биле исплатувани по неколку намени или пет милиони евра за исплата на редовни пензии, а 313 милиони евра се пари кои биле потрошени за покривање на дефицитот на фондот. Дури 97 милиони евра од приходите се таканаречените транзициони трошоци.
Во извештајот стои дека во текот на годината имало и „тешки моменти“, имено од јануари до мај расходите биле значајно повисоки од приходите, па ако не бил направен ребаланс, пензиите немало да се исплатуваат редовно.
„Во периодот од јануари до мај имаше неостварување на планираните приходи и поради тоа Фондот користеше позајмици од буџетот за исплата на пензиите, а која редовно ја враќаше од приливите следниот месец.Овој недостаток продолжи и натаму и редовно се остваруваа поголеми расходи од приходи поради што се пристапи кон измена и дополнување на буџетот на Фондот, стои во завршната сметка.
Инаку во 2017 година, позајмиците изнесуваат 9,6 милиони евра по месец во просек или 115,5 милиони евра на годишно ниво.
РАСТАТ ПЕНЗИИТЕ И ТРОШОЦИТЕ, ДО КОГА?
На расходната страна, трошоците за пензии опфаќаат речиси 80 отсто од вкупните трошоци на ПИОМ. Вкупните расходи за пензии лани биле 844 милиони евра. Во оваа сума влегуваат расходите за редовни пензии, за минималните земјоделски пензии и за воени пензии. На крајот на годината имало вкупно 312.398 корисници на пензија и бројот на годишно ниво е зголемен за 1,52 отсто, односно во 2016 година некаква пензија земале 307.610 луѓе.
Друга ставка од расходите се парите кои ПИОМ им ги уплаќа како придонеси на приватните пензиски фондови, а за таа намена лани биле префрлени безмалку 102 милиони евра.
За плати на вработените ПИОМ лани потрошил речиси четири милиони евра, додека таканарачените други трошоци го чинеле државниот фонд 2,5 милиони евра. Во оваа ставка влегува набавката на материјали, плаќањето на судските извршни исправи, патните трошоци за вработените. Во 2017 година ПИОМ потрошил и 33 илјади евра за три возила.
Ако се споредува динамиката на расходите во изминатава деценија може да се заклучи дека растот е значаен, а тоа најмногу се должи на зголемувањето на бројот на корисници на пензии, но и на зголемувањето на пензиите во сума.