Финансии 13.09.2024 10:03

Димитриеска Кочоска: Благодарност до директорката на УЈП за успешната акција во Струмица

Димитриеска Кочоска: Благодарност до директорката на УЈП за успешната акција во Струмица

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска јавно упати благодарност до Управата за јавни приходи и директорката Елена Петрова, како и до другите институции, а даночната акција во Струмица ја прогласи за успешна. Сознанијата се дека акцијата се одвивала главно на територијата на Струмица, а детали нема, бидејќи станува збор за предистражна постапка која според закон е тајна.

„Сакам да искажам огромна благодарност до Управата за јавни приходи и директорката Елена Петрова, а особено до колегите од Струмица и другите градови кои денес заедно со мене цел ден неуморно работеа во спроведување на акцијата во Струмица. Дел од нив директно со мене во Струмица, а дел и низ други градови на Македонија.

Исто така, огромна благодарност до Министерството за внатрешни работи, Бирото за јавна безбедност и Царинската управа кои беа огромна поддршка на колегите од УЈП. Денес покажавме дека сплотениот тим е посилен од сѐ. Продолжуваме посветено и одговорно за доброто на сите!“, порача министерката на социјалните мрежи.

По доставено известување од страна на МВР за сознанија до кои дошла УЈП, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оформи предмет поради основи на сомневања за сторени кривични дела од областа на финансискиот криминал, односно „даночно затајување“ по член 279 „даночна измама“ по член 279-а и „перење пари и други приноси од казниво дело по член 273 од Кривичниот законик на група субјекти, соопшти попладнево ОЈО ГОКК.