Финансии 19.09.2024 11:57

Над 220.000 граѓани вложиле 2 милиони евра за патничко осигурување во летните месеци

Над 220.000 граѓани вложиле 2 милиони евра за патничко осигурување во летните месеци

Над 220.000 граѓани купиле патничко осигурување во летните месеци (јуни, јули и август), а најголем дел од нив го користеле за годишен одмор во странство. Вкупниот број на издадени осигурувања за патување во странство во овие три месеци изнесува 220.860, а во нив осигурениците вложиле 125,65 милиони денари (2 милиони евра).

Вкупните вложувања во патничко осигурување во летниот период годинава се за 6 отсто повисоки од истиот период лани, покажуваат официјалните податоци кои сите осигурителни компании ги доставуваат до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

Вредно за истакнување е тоа што во овој период граѓани кои имаат патничко осигурување од компаниите за осигурување наплатиле 34,46 милиони денари (560.000 евра). Со тие пари осигурителните компании им надоместувале медицински трошоци настанати за време на престојот во странство, изгубен багаж или некој друг од ризиците што го покрива патничкото осигурување.

Годинава во трите летни месеци (јуни, јули и август) осигурениците наплатиле 89 отсто повеќе средства за покривање штети настанати при патување во странство, во споредба со истиот период лани кога осигурителните компании исплатиле 18,23 милиони денари (296.000 евра).

Сите 11 осигурителни компании за трите летни месеци исплатиле штети покриени со патничко осигурување на повеќе од 35.300 граѓани кои патувале во странство. Бројот на исплатени штети во месеците јуни, јули и август годинава е за 14,5 отсто повисок од бројот на штети во истиот приод 2023 година.

Што се однесува на продажбата на месечно ниво од податоците е евидентно дека најголема била побарувачката за патничко осигурување во јули. Тој месец граѓаните вложиле 44,79 милиони денари (над 728.000 евра) за да купат патничко осигурување.

Соодветно на тоа во јули најголем е и бројот и износот на исплатени штети. Така во јули 14.460 осигуреници наплатиле 14,9 милиони денари (над 242.000 евра).