Актуелно 19.11.2024 14:08

Мицкоски ќе присуствува на Саемот на вино „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград

Мицкоски ќе присуствува на Саемот на вино „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград

Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека ќе присуствува на Саемот на вино „Винска визија на Отворен Балкан“ што ќе се одржи викендов во Белград, но оти нема договорено средба со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

-Таква средба нема најавено. Мислам дека претседателката се сретна (со Вучиќ) во Азербејџан на настанот ЦОП 24 што се одржан во Баку. Инаку нема такви иницијативи. Ако мислите на патувањето коешто ќе биде како резултат на посетата на Саемот за вино, којшто ќе се одржи сега, петок и сабота, каде што ќе се претстават десетици македонски производители, бидејќи го прават, според мене, најубавото вино на светот таму, на којшто сум поканет од страна на македонските винарии. Да, ќе присуствувам и ќе бидам покровител на македонската вечер, но нема најавено средба со претседателот Александр Вучиќ, рече Мицкоски на новинарско прашање дали наскоро ќе има средба со српскиот претседател, на прес – конференцијата во Владата по постигнатиот договор за покачување на платите во здравството со синдикатите.

Во однос на Иницијатива Отворен Балкан, тој рече дека ставот е веќе познат.

Српската Влада соопшти дека Третиот меѓународен саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ ќе се одржи од 22 до 24 ноември 2024 година на Белградскиот саем. Како што јави дописникот на МИА од Белград, за време на тридневниот саем Винска визија, Белград ќе собере повеќе од 650 изложувачи од бројни винарии, дестилерии и гастрономски компании од 38 земји, меѓу кои: САД, Франција, Австралија, Холандија, Јужна Африка, Либан, Мексико, Португалија. Придружен настан на саемот ќе биде „Визија за храната на Отворен Балкан“ на кој ќе уствуваат лидерите на прехранбената индустрија и кулинарската уметност, меѓу кои и некои од најистакнатите имиња во кулинарскиот свет, а посетителите ќе имаат можност да уживаат и во Гастро театарот – презентација на најдобрите ресторани и хотели од Србија, Северна Македонија и Албанија, каде ќе се подготви сет мени од три јадења во комбинација со вина избрани од најдобрите сомелиери од Србија.

-Како и изминатите години, централното место во хала 3 ќе го заземе заедничкиот штанд на трите национални туристички организации на земјите од Отворениот Балкан, каде заеднички ќе ја презентираат туристичката понуда и културното наследство на сите три земји, се наведува во соопштението на Владата.