Започнува продажбата на државни комерцијални станови по цена од 1.000 евра за квадратен метар. Станува збор за првиот чекор во намалување на високите цени на недвижностите во неколку градови. Целта на оваа иницијатива е да се интервенира на пазарот на недвижности и да се направат становите многу подостапни за народот.
Во јануари Владата на седница усвои одлука дека 65 стана ќе се продаваат по 1.000 евра за квадратен метар, 11 дуќани по 2.000 евра за квадратен метар и 71 паркинг место по 500 евра за квадрат.
Оттаму велат дека почетната цена е за 30-40 отсто пониска и дека на овој начин ќе се стави крај на уцените на градежниците кои го продаваат станбениот квадрат по цени кои не соодвејствуваат со стандардот на македонските граѓани. Битола е еден од градовите каде што има поголема побарувачка на станови и од денес се започува токму таму прдоажбата. Потоа во Скопје ќе се градат 4 комерцијални згради, а во Охрид и во Штип по една.
„Сегашните цени на ниеден начин не одговараат на нашиот стандард, младите брачни парови едноставно не можат да најдат сопствен дом, а по цена од 2.500-3.000 евра за квадрат никој не може да купи стан со овој стандард. Дополнително работиме на 5 социјални згради низ државата“, истакна министерот за транспорт и врски, Александар Николовски.
Министерот ја потенцираше важноста на оваа иницијатива, нагласувајќи дека цените на становите се во несоодветност со животниот стандард на граѓаните.
Реакциите на граѓаните за продажбата на државните комерцијални станови се различни, но генерално има интерес и позитивни ставови, особено од младите и оние кои се на почетокот на својата кариера и не можат да си дозволат високите цени на пазарот на недвижности.
Некои од позитивните реакции вклучуваат: прифатливост на цените – граѓаните се задоволни што цените се пониски во однос на пазарните и се надеваат дека ова ќе им овозможи да купат стан по пристапна цена. Потоа поддршка за младите – иницијативата се гледа како добра можност за младите брачни парови или семејства да се стекнат со сопствено живеалиште без да се потпираат на високите трошоци на комерцијалниот пазар.