Живот 12.02.2025 13:50

ММФ: Прерано е да се види влијанието на американските царини

ММФ: Прерано е да се види влијанието на американските царини

Прерано е да се види влијанието на американските царини врз глобалната економија. Ова го изјави шефицата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Кристалина Георгиева за време на Светскиот владин самит во Дубаи, пренесе „Reuters“.

„Набљудуваме елементи од трговската политика кои очекувавме да се појават бидејќи беа објавени во предизборната кампања (на американскиот претседател Доналд Трамп – забелешка), но има многу, многу непознати. Значи, кога ќе размислам за влијанието врз глобалната економија, мојот одговор денес би бил – прерано е да се каже“, рече Георгиева.

Георгиева истакна дека глобалната економија изгледа извонредно отпорна и покрај низата невидени шокови.

Изгледите за инфлацијата е тешко да се предвидат, рече директорката на ММФ.

„Дури и во овој поглед, ние само треба да гледаме како се развиваат работите. Затоа што ако сме во ситуација каде што има забавување во некои делови од светот што може да предизвика централните банки да ги намалат каматните стапки, тоа всушност можеби не се должи на инфлацијата“, коментира Георгиева.

Претседателот Доналд Трамп значително ги зголеми царините за увоз на челик и алуминиум во САД – до 25 проценти. Преку овој потег, тој има за цел да им помогне на американските челични сектори, но исто така ризикува да предизвика трговска војна на многу фронтови.

 

Извор: denar.mk