На валутните пазари во вторникот во раното претпладневно тргување, девизниот курс на америакснкиот долар продолжува да се движи околу своето најниско ниво во последните пет месеци во однос на еврото и другите пет главни светски валути додека инвеститорите се обидуваат да сфатат какво ќе биде економското влијание од зголемените глобални трговски тензии.
Тие страуваат од агресивната царинска политика на американскиот претседател Доналд Трамп, која може да предизвика значително економско забавување, а тоа го поткопува курсот на американската валута, особено во заднината на фактот дека голем број истражувања веќе покажаа слабеење на деловните очекувања.
Индексот на доларот, кој ги мери перформансите на зелената банкнота во однос на шесте главни светски валути, во вторникот претпладнето изнесуваше 103,44 поени и сѐ уште се движи близу петмесечниот минимум од 103,21 поени, што го допре минатиот вторник. Сега е намален за околу 6 отсто од средината на јануари кога изнесуваше 110,17 поени, што е највисоко ниво во последните две години.
Доларот не доби речиси никаква поддршка од податоците за благиот пораст на продажбата на мало во САД во февруари, по падот од 1,2 отсто во јануари.
Во исто време, еврото се тргуваше околу 1,0919 долари пред гласањето во германскиот парламент за стимулативен пакет од 500 милијарди евра, кој ќе ја финансира инфраструктурата и значително ќе ги промени правилата за задолжување за да овозможи финансирање на одбраната и да ја заживее најголемата економија во еврозоната.
Курсот на доларот, сепак, зајакна во однос на јенот за благи 0,07 отсто, на 149,3 јени. Јапонската централна банка на го започна својот дводневен состанок, на кој се очекува креаторите на монетарната политика да разговараат за ризиците од ескалација на трговската војна на САД врз јапонската економија, што ќе биде клучно за нивните натамошни монетарни потези. Се очекува дека BOJ може повторно да ги зголеми каматните стапки подоцна оваа година.
И со оглед на бројните несигурности кои влијаат на глобалната економија во моментов, инвеститорите имаат зголемена тенденција да инвестираат во побезбедни средства, па цената на унца злато повторно надмина 3.000 долари во вторникот – достигнувајќи рекордно високо ниво од 3.025,4 долари.