Министерот за здравство Арбен Таравари информира дека денеска е последниот транспорт на пациенти кои ќе се лeкуваат во странство, од трагедијата во Кочани. Како што посочи, во 11:30 часот за Шведска денеска ќе бидат пренесени двајца пациенти, а после пладне уште тројца пациенти. Тој напомена дека може да се очекува во текот на следните денови и враќање на одредени пациенти кои се лекуваат надвор од државата.
-Последниот транспорт на пациенти е денеска. Веќе нема да има лекување на пациенти надвор од државата, дури може да чекаме некои и да се враќаат во следните денови. Денеска има само за Шведска, и тука завршуваме. Веќе нема потреба за друигте пациенти да се лекуваат надвор од државата, рече Таравари на денешната прес-конференција.
Како што додаде, добрата вест е што поминаа 72 часа и нема починати. Сите пациенти се во стабилна состојба.
-Добрата вест е што поминаа 72 часа и нема ниту еден починат од тие што ја преживеаа трагедијата во Кочани. Вкупно, се третираат 178 пациенти низ различни здравствени установи, од кои што 64 се во болниците во Македонија во државните болници, и 13 пациенти се во приватните болници. Сите се во релативно стабилна состојба, додаде министерот.
Тој напомена дека во моментот, 101 пациент се третираат надвор од државата и тие се во релативно стабилна состојба. Ги посетил лично пациентите во Софија и во Солун и остварил средба со нивните семејства.
-Вчера заедно со министерот за надворешни работи отидовме во Солун. Јас лично ги посетив сите пациенти во болницата „Папаниколау“, каде што се сместени тројца пациенти, и двајца во Воената болница во Солун. Се видовме и со семејствата на пациентите, сите се задоволни од третманот на пациенти. Исто така, од таму продолживме во Софија, во болницата „Пирогов“, каде што се сместени девет пациенти. Лично, еден по еден, ги видов сите пациенти. Потоа, имавме состанок и со семејствата на пациентите. За среќа, сите се во стабилна и добра состојба, рече Таравари.
Како што додаде, вчера беа интубирани двајца, а денеска ќе се интубираат уште двајца пациенти. Таравари информира дека во моментот, во Клиничкиот центар има 35 пациенти, а во Карил се шест, од кои еден е за транспорт.
На Детска хирургија се четири пациенти, на Пластична хирургија се шест и сите во стабилна состојба. На Торакалната хирургија има четири пациенти, на Трауматологијата се двајца пациенти, од кои еден денеска се испишува и си оди дома.
-На Токсикологија се десет пациенти, сите се во стабилна состојба. На Пулмологија има двајца пациенти и на Офтомологија еден пациент. Во „Осми септември“ има вкупно 15 пациенти, а 12 се во стабилна состојба. Двајца ќе патуваат денеска за Шведска. Во Градската општа болница има 11 пациенти, во Штип има три пациенти, од кои денеска двајца се пуштаат дома и само еден ќе остане за понатамошен третман во Штип, рече Таравари.
Тој посочи дека во Бугарија има 15 пациенти, во Србија 30, во Грција 12, во Турција девет, во Унгарија шест, Австрија шест, Хрватска пет, Словенија четири, Литванија четири, Белгија четири, Италија четири пациенти, во Полска два пациенти.