Актуелно 21.02.2019 12:47

Таравари: Власта го киднапираше Гостивар

Таравари: Власта го киднапираше Гостивар

Нетрпеливоста меѓу бившите партнери – Алијансата за Албанците, која беше една од првите што ги даде потписите на Заев за формирање влада, и СДСМ очигледно расте. Но виновникот е „трето лице“ – ДУИ. Капак на сè, како што велат од Алијансата била одлуката на Министерството за образование кое вторпат за краток период ги одзеде ингеренциите на градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, да именува и разрешува директори на училиштата. За Алијансата за Албанците ваквата одлука е политичка, а не законска, анализира Независен.

-Оваа одлука дојде од централната власт, т.е. од партиите ДУИ и СДСМ, иако верувам дека вторава нема голема улога во неа. Од страна на нашата општина нема никаква повреда која води кон ваква флагрантна одлука- обвини Таравари.

-Целта е јасна. На раководните места да се постават луѓе на ДУИ, поточно лица блиски на ексградоночалникот Невзат Бејта. Останува уште јас да им го дадам мандатот иако победив на изборите. Од вкупно 12 директори на основни и средни училишта назначени уште пред шест години, не променив тројца поради нивниот успех во работата. Останатите што ги назначив не се обележани со никаква партиска боја. Во образовните институции во Гостивар има отприлика 150 вработени со договор на дело од претходната градска власт. Верувајте, ниту еден од нив не добил прекин на работниот однос, освен ако на таков чекор самиот не се одлучил- тврди Таравари.