Актуелно 28.01.2026 09:12

Ѓорѓиевски и Ристовски направија обиколка на кејот на Вардар: Овој простор ќе прерасне во современ спортско-рекреативен центар

Ѓорѓиевски и Ристовски направија обиколка на кејот на Вардар: Овој простор ќе прерасне во современ спортско-рекреативен центар

Скопје добива уште еден значаен проект за унапредување на јавниот простор и спортската инфраструктура.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, заедно со министерот за спорт Борко Ристовски, изврши обиколка на кејот на реката Вардар, каде што официјално започнува реконструкцијата на спортските терени.

Проектот опфаќа изградба на нови и целосно реконструирани терени за фудбал, одбојка и баскет, како и современи фитнес зони на отворено, со цел создавање здрави навики, активен живот и еднакви можности за сите генерации. Паралелно, ќе бидат унапредени и ставени во функција и спортските терени во Маџир Маало, како дел од визијата за рамномерен развој и инвестирање во здравјето на граѓаните и иднината на Скопје.

-Кејот на Вардар од утре започнува да добива нов лик! Вечерва, заедно со министерот за спорт Борко Ристовски, извршивме обиколка на кејот на реката Вардар. Од утре официјално започнуваме со реконструкција на спортските терени, со што овој простор ќе прерасне во современ спортско-рекреативен центар отворен за сите генерации. Кејот ќе добие нови и целосно реконструирани терени за фудбал, одбојка и баскет, како и модерни фитнес зони на отворено, достапни за секој граѓанин. Со проектот се опфатени и спортските терени во Маџир Маало, кои исто така ќе бидат унапредени и ставени во функција на заедницата, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.

Тој порача дека спортот е темел на здраво општество.

-Тој гради дисциплина, самодоверба, заедништво и ги оддалечува младите од лоши навики. Инвестирањето во спортски терени значи инвестирање во здравјето на граѓаните, во енергијата на младите и во иднината на Скопје. Ова е само почеток. Нашата визија е да обезбедиме современи и достапни спортски терени во сите општини на град Скопје. Рамномерен развој, еднакви можности и активен живот за секој скопјанец, без разлика каде живее. Огромна благодарност до министерот Борко Ристовски за силната поддршка! Скопје се движи напред. Скопје спортува. Скопје вложува во својата иднина. Најдоброто, доаѓа, порача Ѓорѓиевски.