Актуелно 23.02.2026 13:06

Мицкоски: Создаваме услови во кои знаењето ќе се претвора во иновација, иновацијата во производ, а производот во нови работни места

Мицкоски: Создаваме услови во кои знаењето ќе се претвора во иновација, иновацијата во производ, а производот во нови работни места

Интегрален текст од говорот на претседателот на владата Христијан Мицкоски на Конститутивна седница на Советот за иновации:

„Денес е значаен момент за нашата држава. Со формирањето на Советот за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво, ја потврдуваме нашата јасна и силна определба Македонија да се позиционира како земја на знаење, наука, истражување, иновации и модерна, конкурентна економија.

Како Влада преземаме целосна одговорност да ја водиме оваа трансформација. Овој Совет не е само формалност, тој е инструмент на стратешка промена. Тој е механизам преку кој науката, истражувањето и дигитализацијата ќе станат двигатели на економскиот раст.

Денес светот се менува со огромна брзина. Дигитализацијата, новите технологии и истражувањата го дефинираат напредокот на нациите. Нашата цел е јасна – да создадеме услови во кои знаењето ќе се претвора во иновација, иновацијата во производ, а производот во нови работни места и подобар животен стандард за граѓаните.

Самата структура и состав на Советот, кој ги обединува клучните министерства и ресори, академската заедница и експертите од различни области, гарантира интегриран и стратешки пристап во носењето одлуки. Ова тело ќе обезбеди координација помеѓу образованието, науката, дигиталната трансформација и економските политики. Нашата цел е мерките да бидат конзистентни, транспарентни и ефективни, со јасни индикатори и мерливи резултати.

На оваа прва седница го усвојуваме клучниот документ за следните четири години – Четиригодишната програма за поттикнување на иновациите, научно-технолошкиот развој и претприемништвото. Оваа програма не е само административен акт. Таа е визија за развој заснован на наука, истражување и дигитализација. Таа создава рамка за поддршка – од првата идеја, преку истражувачки развој и пилотирање, до целосна комерцијализација.

Со оваа политика создаваме основа за отворање нови, квалитетни и добро платени работни места. Поддржувајќи ги стартапите, технолошките компании, истражувачките центри и иновативните мали и средни претпријатија, директно инвестираме во подобра економија – економија што создава вредност, извезува знаење и гради долгорочна стабилност.

Во координација со Министерството за образование и наука, Министерството за дигитална трансформација и Министерството за економија и труд како креатори на политиките, Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА е главен имплементатор на програмата. Но успехот нема да биде резултат на една институција – туку на заедничка работа. Владата, ИНОВА, универзитетите, истражувачките институти, приватниот сектор и претприемачите мора да дејствуваат како единствен екосистем.

Овој Совет испраќа јасна порака: Македонија избира економија базирана на знаење. Избираме инвестиции во наука и истражување. Избираме дигитална трансформација. Избираме нови работни места, повисока продуктивност и подобар стандард за сите граѓани.

Време е идеите да ги претвориме во конкретни проекти, истражувањата во решенија, а визијата во реални резултати.

Ви благодарам на посветеноста. Како претседател на Владата, силно верувам дека заедно ќе изградиме посилна, поиновативна и поразвиена држава, држава што создава можности за сегашните и идните генерации.“