Банкарство 24.02.2026 10:49

Величковски: Значително зголемен интерес за СЕПА-плаќањата од страна на компаниите и граѓаните

Величковски: Значително зголемен интерес за СЕПА-плаќањата од страна на компаниите и граѓаните

„По приклучувањето на земјата кон СЕПА (Единствената област за плаќања во евра) во октомври 2025 година, се забележува значително зголемен интерес и користење на услугите од страна на компаниите и граѓаните. Според податоците на Народната банка од банките, повеќе од половината од бројот на плаќања во евра кон земјите членки на СЕПА веќе се вршат преку платежната шема за кредитни трансфери во СЕПА“, истакна Игор Величковски, директор на Секторот за операции на финансиските пазари и платни системи во интервјуто за „Блумберг Адрија“.

Тој посочи дека граѓаните умерено предничат во однос на компаниите во користењето на услугите преку СЕПА, при што над 60% од нивните плаќања во евра се извршуваат преку СЕПА. Кај бизнис-секторот, најмногу ги користат извозно-увозните компании коишто имаат редовни трансакции со партнери во Европската Унија. Речиси половината од плаќањата во евра на домашните компании кон земјите членки на СЕПА веќе се вршат преку СЕПА.

Иако станува збор за релативно нова услуга, очекувањата се дека таа сѐ повеќе ќе се користи, напоредно со зголемувањето на информираноста и довербата, промената на навиките и унапредувањето на дигиталните канали од страна на банките. Со приклучувањето кон СЕПА се овозможија значително поевтини, побрзи и поедноставени плаќања во евра. Конкретните ефекти врз надоместоците зависат од банката и каналот на плаќање, но тарифите на деветте банки коишто во октомври се интегрираа во СЕПА укажуваат на значително намалување на трошоците.

„Кај граѓаните, за електронско плаќање од 500 евра кон земјите од СЕПА, просечниот банкарски надоместок се намали шесткратно — од околу 26 евра преку кореспондентски банки на околу 4 евра преку СЕПА. Во зависност од банката и каналот на плаќање, одредени банки овозможуваат и електронски одливни плаќања со провизија од само 1 евро. Кај компаниите намалувањето на трошоците е уште поизразено. За плаќање од 20.000 евра кон земјите од СЕПА, просечниот банкарски трошок се намали за осумпати — од околу 77 евра на приближно 9 евра. Ова директно придонесува за зголемување на конкурентноста на компаниите, преку намалување на трансакциските трошоци и подобрување на ликвидноста“, нагласи Величковски.

Интеграцијата во СЕПА значи дека прекуграничните плаќања во евра постепено се изедначуваат со условите што важат во Европската Унија, што претставува значаен чекор кон понатамошна финансиска интеграција и унапредување на платниот систем.