Финансии 11.05.2026 14:17

Министерството за финансии ги почна состаноците за ребаланс на буџетот

Министерството за финансии ги почна состаноците за ребаланс на буџетот

Министерството за финансии ги почна состаноците за ребаланс на буџетот. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска најавува дека ребалансот ќе биде изготвен во согласност со среднорочната фискална рамка и стратешките приоритети на Владата – стабилни јавни финансии, фискална консолидација, инфраструктурен развој, енергетска транзиција и подобар животен стандард за граѓаните.

– Во време на сериозна глобална неизвесност, предизвикана од геополитичките случувања и војната на Блискиот Исток, сите економии – вклучително и македонската – се соочуваат со предизвици поврзани со енергетските текови, инфлацијата и забавувањето на глобалниот економски раст. Затоа остануваме посветени на одговорно и дисциплинирано управување со јавните финансии, со јасен фокус на зачувување на макроекономската стабилност, поддршка на економскиот раст и реализација на капитални инвестиции – вели Димитриеска-Кочоска во објава на „Фејсбук“.

Министерката нагласува дека ќе се продолжи со внимателно планирање и одговорни политики, кои ќе обезбедат стабилност, отпорност и одржлив развој на македонската економија.

– Наш фокус останува заштитата на животниот стандард на граѓаните преку внимателно креирани мерки, стабилни јавни финансии и политики што ќе обезбедат поддршка за економијата во услови на глобална неизвесност – вели министерката за финансии. (МИА)