Економија 13.05.2026 09:08

Иран сака да наплаќа премин во Хормуз, САД и Кина едногласно велат „не“

Иран сака да наплаќа премин во Хормуз, САД и Кина едногласно велат „не“

Вашингтон и Пекинг ретко се на иста страна, но овојпат имаат заедничка порака: меѓународните водни патишта не смеат да станат наплатни рампи.

САД и Кина се согласиле дека ниту една држава или организација не смее да наплаќа такси за минување низ меѓународни водни патишта како Ормускиот Теснец, соопшти американскиот Стејт департмент. Договорената позиција била постигната во телефонски разговор во април меѓу американскиот државен секретар Марко Рубио и кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, објави „Ројтерс“.

Според Стејт департментот, Рубио во разговорот го отворил прашањето за можноста и кинеските бродови да бидат принудени да плаќаат такси, со цел Пекинг да изврши поголем дипломатски притисок врз Техеран. Од кинеската амбасада во Вашингтон не ја оспориле американската верзија и порачаа дека безбедноста, стабилноста и непречениот премин низ регионот се во интерес на меѓународната заедница.

Иранските власти претходно ја претставија идејата за наплата како своевидна „безбедносна такса“ за бродовите што го користат теснецот, додека Вашингтон предупреди дека компаниите што би плаќале такви давачки може да се соочат со санкции. Стотици комерцијални бродови остануваат заглавени во Персискиот Залив, а големите превозници предупредуваат дека транзитот низ теснецот сè уште е невозможен.

Иако САД и Кина сега покажуваат заедничка позиција околу наплатата во Ормускиот Теснец, меѓу двете сили остануваат длабоки разлики. Кина претходно стави вето на американски предлог во Обединетите нации за заштита на комерцијалното пловење, а Вашингтон воведе нови санкции против компании поврзани со испораки на иранска нафта кон Кина. Затоа претстојната средба меѓу Доналд Трамп и Си Џинпинг ќе покаже дали ова тесно совпаѓање може да прерасне во поширока соработка или ќе остане само дипломатски исклучок.