Во „Ноќно студио“ на 4ТВ, синоќа гостуваше директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски кој се осврна на реновирањето на Стара Комерцијална Банка при што истакна дека два дела од објектот, Нов дел и Бисер се комплетно готови, а во моментот се одвиваат активности во т.н. Стар дел за кој согласно информациите добиени од изведувачот и надзорот се очекува да бидат комплетирани во текот на втората половина на месец јуни.
„Минимум по двапати неделно одржуваме состаноци со проектанти, ревиденти, изведувачи и ние како инвеститори. Секојдневно сме на терен во самата Стара Комерцијална Банка. Овој објект се состои од три различни делови: едниот е Новиот дел, Бисер и Стар дел. Нов дел и Бисер се веќе комплетно готови, останува уште Стариот дел којшто моментално поставени се машинскиот дел, електро, подовите се поставуваат, вратите се менуваат, практично рокот којшто е последен рок и после тој рок ќе почнеме да наплаќаме пенали или активирање на банкарска гаранција е 20-ти јуни. Сум разговарал и со изведувачот, тврди дека ќе го заврши до 20-ти јуни, она што го добивам како сигнал од надзорот исто кажуваат дека е возможно и може да се заврши“, рече Томовски.
Директорот на СОЗР, Томовски во продолжение посочи и за размислувањата околу тоа кои институции би биле сместени во овој објект, а кои дел од нив моментално плаќаат закупнина, со што истовремено би се направиле и финансиски заштеди, како и обезбедување на соодветни простории за вработените согласно сите европски стандарди.
„Таму практично ќе внесеме повеќе институции, на следната Владина седница ќе ги одземеме од право на сопственост од сите институции и ќе ги прераспоредиме на ново. МИА ќе добие нови простории, Министерство за европски прашања, дел од животна средина само Инспекторатот којшто е во Државен завод за ревизија моментално сместен, размислуваме Лотарија на Македонија да ја сместиме тука, Второстепена комисија по жалби од работен однос, Национална агенција, Агенција за иселеништво и ова се дел институции коишто ви ги кажувам коишто плаќаат закупнина моментална и ние така би направиле заштеда“ и додаде:
„Ако по правило одиме онака како што биле сместени овие институции во тој случај само МИА, Европски прашања и Второстепена треба да се вратат, другите да си останат каде што биле. И сега ние што правиме ги фузираме, правиме рационализација, им даваме соодветни простории бидејќи по сите европски стандарди за еден вработен требаат од 4 до 6 м2 по таа формула идеме, пресметуваме и толку им доделуваме на институциите. Односно да нема во една канцеларија од 50 квадрати еден вработен“, заврши Томовски.