ИКТ-индустријата во Македонија и во 2025 година продолжи со стабилен раст, потврдувајќи ја својата улога како еден од најважните двигатели на домашната економија, извозот и отворањето високоплатени работни места.
Ова го покажува компаративната анализа на параметрите во ИКТ-индустријата во Македонија за 2024 и 2025 година, подготвена од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ. Податоците во анализата се добиени од Државниот завод за статистика, Народната банка и Централниот регистар.
Според анализата, во 2025 година во ИКТ-секторот биле активни 3.367 компании, што претставува раст од 15,27 проценти во споредба со 2024 година, кога биле евидентирани 2.921 компанија. Овој раст покажува дека секторот продолжува да привлекува нови компании и инвестиции, но и дека дигиталната економија има сè поголемо значење во вкупниот економски развој.
Позитивен тренд е забележан и кај вработеноста. Во ИКТ-секторот во 2025 година работеле 24.134 лица, што е умерен раст од 0,78 проценти во однос на претходната година. Иако растот на бројот на вработени е помал во споредба со растот на приходите, анализата оценува дека тоа укажува на фаза на стабилизација, поголема продуктивност и насочување кон квалитет, специјализација и поголема додадена вредност.
Најзначаен показател за силата на секторот е растот на приходите. Во 2025 година ИКТ-компаниите оствариле приходи од 1,77 милијарди евра, што е годишен раст од 7,02 проценти. Во 2024 година приходите изнесувале 1,65 милијарди евра. Со ова, ИКТ-индустријата дополнително ја зацврстува позицијата како еден од клучните столбови на македонската економија.
Раст бележат и платите. Вкупните средства издвоени за бруто-плати и надоместоци во секторот достигнале 338,77 милиони евра, што е зголемување од 7,78 проценти во споредба со 2024 година. Просечната месечна бруто-плата во ИКТ-секторот во 2025 година изнесувала 2.550 евра, наспроти 2.376 евра во 2024 година, што претставува раст од 7,32 проценти.
Овој податок го потврдува ИКТ-секторот како еден од најатрактивните и најконкурентни сектори за вработување во Македонија, особено за младите и висококвалификувани кадри. Високите плати, според анализата, имаат значење и во намалување на одливот на стручни кадри од државата.
Значителен е и придонесот на ИКТ-компаниите кон државниот буџет и социјалните фондови. Во 2025 година, по основ на даноци на плати и надоместоци, секторот уплатил 36,16 милиони евра, што е раст од 5,48 проценти. Придонесите за задолжително социјално осигурување достигнале 133,26 милиони евра, односно 7,06 проценти повеќе во споредба со претходната година.
Дополнително, компаниите вложиле 32,85 милиони евра во бонуси, професионални обуки, деловни патувања, приватно здравствено осигурување и други бенефиции за вработените. Тоа претставува раст од 2,63 проценти и укажува дека домашните ИКТ-компании сè повеќе инвестираат во задржување и развој на кадарот.
Еден од најсилните показатели за конкурентноста на македонскиот ИКТ-сектор е извозот. Во 2025 година извозот достигнал рекордни 676 милиони евра, што е раст од 7,13 проценти во споредба со 2024 година, кога изнесувал 631 милион евра. Ова покажува дека македонските ИКТ-услуги и производи стануваат сè поконкурентни на меѓународните пазари.
Во анализата се наведува дека во периодот од 2020 до 2025 година секторот поминал низ силна развојна трансформација. Приходите пораснале од 985 милиони евра на 1,77 милијарди евра, извозот речиси се зголемил тројно – од 231 милион евра на 676 милиони евра, а бројот на вработени пораснал за 44 проценти.
Иако кај данокот на добивка во 2025 година е забележано намалување од 24,07 проценти, односно платени се 25,1 милион евра наспроти 33,06 милиони евра во 2024 година, анализата оценува дека тоа не укажува на пад на активноста, туку на инвестициски циклус, зголемени оперативни расходи и реинвестирање во идниот развој на компаниите.
Заклучокот од анализата е дека ИКТ-секторот веќе не е само дополнителен сегмент на економијата, туку стратешки двигател на растот, извозот, иновациите и високоплатените работни места во Македонија.