Економија 11.05.2018 11:47

Лоша но оптимистичка оценка за македонската економија

Лоша но оптимистичка оценка за македонската економија

 

Повеќе од половина од германските компании кои што работат во земјава сметаат дека екномската состојба во државава е полоша во однос на лани. Сепак, политичката стабилизација им влева оптимизам.

Ова го покажуваат резултатите од анкетата спроведена меѓу германските бизнисмени кои што работат во Македонија. Вкупно 45% од германските директори очекуваат подобрување на бизнис климата, а 12% од нив очекуваат понатамошно влошување.

„Годинава, некој од факторите кои минатите години беа оценети како негативни се подобрени, но повторно испитаниците не се задоволни од сузбивањето на корупцијата и криминалот, правната сигурност и ефикасноста на јавната администрација. И покрај наведените проблеми, сепак е охрабрувачки фактот дека 72% од компаниите кои работат во Македонија повторно би инвестирале во земјата“, рече Патрик Мартенс, директор на Македонска-германска стопанска комора.

Според анкетата, 68% од фирмите очекуваат дека ќе се зголеми нивната продажба, а 45% очекуваат раст на извозот во наредниот период. Нивните најголеми стравувања се однесуваат на наоѓање на квалификуван кадар. Бизнисмените констатирале дека политичката криза влијаела негативно врз нивното работење.

Инаку, анкетата е правена за време на политичката криза. Оптимизамот кај геманските компании се зголемил после позитивната препорака која ја доби Македонија за почетокот на преговори со Европската Унија, како и напредокот во преговорите со името.