Народната банка го објави Конкурсот за доделување на Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2027 година. Наградата се доделува со цел да се поттикне развојот на научната мисла и изработката на истражувачки трудови од областа на макроекономијата, банките и банкарските системи, како и да се афирмираат млади и стручни кадри.
Право на учество на Конкурсот имаат државјаните на Република Македонија на возраст до 35 години. Вработените во Народната банка и членовите на Советот на Народната банка немаат право на учество.
Трудот со кој се конкурира треба задолжително да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 80.000 карактери со празни места (без фусноти, прилози, графикони, табели, апстракт, библиографија и анекси) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување.
Авторите можат да конкурираат и со труд којшто веќе бил објавен, но не пред 1 јануари 2025 година. При поднесувањето на веќе објавен труд, потребно е да се наведе кога и каде е објавен.
Трудовите се доставуваат по електронски пат, во форматот „Word“, на електронската адреса [email protected], со назнака: „За Годишната награда на Народната банка на Република Северна Македонија“. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.
Еден автор може да поднесе само еден труд. Трудовите може да бидат напишани на македонски, албански или англиски јазик.
Трудовите ќе се оценуваат според повеќе критериуми, меѓу кои се релевантноста на истражуваното подрачје за македонскиот контекст, квалитетот на освртот на литературата, јасноста на дефинирањето на проблемот и целите на истражувањето, соодветноста на анализата и применетите методи, како и квалитетот на заклучоците и препораките.
Крајниот рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2027 година.
Наградата е во парична форма. За првонаградениот труд се доделува награда во износ од 130.000 денари, а за второнаградениот труд наградата изнесува 65.000 денари.
Конкурсот е објавен на веб-страницата на Народната банка.