Актуелно 16.09.2026 10:30

Бизнис форум: Македонија е географски предодредена да биде центар на европските коридори

Бизнис форум: Македонија е географски предодредена да биде центар на европските коридори

Оперативни и без одлагање за македонската економија мора да бидат инфраструктурата, извозот и иновативноста, тоа се трите „и” кои се клучни за отворање на пазарите и за натамошен развој – порачаа учесниците на денешниот Македонско-австриски бизнис-форум, што се одржува во Стопанската комора.

Македонија, беше истакнато, е географски предодредена да биде центар на европските коридори и тоа треба максимално да го искористи преку реализација во инфраструктурни проекти. Во овој сегмент е најважно да покаже капацитет.

– Протоколот не гради патишта и не произведува мегавати. Денешниот форум е организиран со сосема поинаква намера – да зборуваме директно, оперативно и без одлагање за она што е крвотокот на секое стопанство: инфраструктурата и енергетиката. Мојот став, кој со години неуморно го повторувам, а дека, без, брзи, модерни и безбедни патишта, без модернизирана железница и без предвидлив, одржлив енергетски систем, македонската економија не може да направи реален чекор во нејзиниот развој. Не можеме да очекуваме висока продуктивност, конкурентен извоз или регионална интеграција ако камионите со стока ни стојат, рече претседателот на Комората, Бранко Азески.

Тој напомена дека кога станува збор за сообраќајните и енергетските коридори, бизнисот со години бара целосна ревитализација.

-Погледнете го портфолиото на австриските компании што се денес тука, меѓу нас. Тоа не се компании што нудат апстрактни идеи, туку лидери кои точно ги адресираат нашите најгорливи инфраструктурни и енергетски проблеми. Додека ги градиме и обновуваме коридорот 10 и врските од коридорот 8, нам ни требаат докажани технологии, потенцира Азески.

Форумот е во организација на Стопанската комора и Трговското одделение при Австриската амбасада во Скопје (Advantage Austria). Настанот е платформа за интензивирање на билатералната економска соработка и директно поврзување на угледни австриски компании со надлежните македонски институции и ресорни министерства, како и со македонските деловни субјекти, велат од Комората.

Фокусот е ставен врз актуелните и планираните капитални инвестиции, транзицијата кон обновливи извори на енергија, модернизацијата на сообраќајната мрежа и можностите за спроведување современи технолошки решенија.

На форумот се вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски,  министерката за енергетика Сања Божиновска, како и градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски.  (МИА)