Општина Петровец продолжува забрзано да се развива, така што во изминатата година се реализираа низа инфраструктурни, комунални, социјални и спортски проекти во повеќе населени места, кои значително го подобруваат животот на граѓаните, велат во денешното партиско соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Со цел подобрување и решавање на проблемите со водоснабдувањето во населените места Сушица, Горно Коњари, Катланово, Блаце, Кожле, Тотинци и Брезица се изврши бушење на нови бушотини за водоснабдување, додека во Средно Коњари се поплочени улици со бекатон плочки и е поставена канализациона мрежа, а во Долно Коњари е изградено ново повеќенаменско спортско игралиште.
Во новата населба Блок 6, во Ржаничино асфалтирани се четири улици со претходно изградена канализациона и атмосферска мрежа, улично осветлување, тротоари и две улици со павер елементи, а во Огњанци се асфалтираа две улици и паралелно се работи на канализационата мрежа, при што околу 90 проценти од населеното место е опфатено со канализација.
Улици се асфалтираа и во населените места Петровец, Катланово, Катлановска Бања, во Градманци се изгради улица со павер елементи, а со цел подобрување на безбедноста во сообраќајот, изработен е сообраќаен проект за Петровец и Ржаничино, одобрен од СВР Скопје, по што е поставена вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација.
Посебен акцент се стави на образованието, така што за сите ученици се обезбедија работни униформи, а во ООУ „Братство и единство“ се реконструираше плафонот, се поставија нови електрични светилки и се изврши докомплетирање на помошните простории на спортската сала, додека во соработка со Фудбалската федерација на Македонија реконструирани се фудбалските терени во Петровец, Ржаничино, Долно Коњари и Средно Коњари.
Изминатата година реализирани се и повеќе мерки за поддршка на граѓаните, така што на пензионерите со пензија до 23.000 денари им се доделени по 2.500 денари, за секое прваче се обезбедени по 4.000 денари, а лицата со попреченост добија по 20.000 денари, додека за социјално загрозени семејства се обезбедени повеќе од 230 хуманитарни пакети по повод Велигден и Рамазан Бајрам.
Од друга страна, со цел подобрување на комуналните услуги, општината набави и два камиони за собирање смет, со што се создаваат услови за поефикасно одржување на јавната чистота.
Паралелно со завршените проекти продолжува работата на оние кои се во тек, така што во завршна фаза е асфалтирањето на патот Дивље – Средно Коњари во должина од 6.630 метри, во тек се и активностите поврзани со изградбата на културниот дом и новата детска градинка во училишниот двор на ООУ „Кочо Рацин“ во Петровец.
Дополнително, завршена е изградбата на нов парк во училишниот двор на ООУ „Кочо Рацин“, изградени се три теретани на отворено во Петровец, Ржаничино и Катланово, а во дворот на градинката „Авионче“ е уреден детски забавен парк.
По барање на жителите од улица 1 во Петровец е извршена санација на мостот кој обезбедува пристап до нивните домови, а се изврши и чистење на дивите депонии во Огњанци и Петровец.
Фокусот на Општина Петровец останува реализацијата на конкретни проекти и решавање на инфраструктурните и комуналните потреби на граѓаните, со крајна цел рамномерен развој на целата општина и подобри услови за живот, се вели во соопштението на партијата.