Економија 23.11.2026 11:22

МЕРКИ ЗА МЛАДИТЕ: До 20% поевтини станови и ослободување од комуналии за брачни парови до 35 г. и 20% попусти за студентите

МЕРКИ ЗА МЛАДИТЕ: До 20% поевтини станови и ослободување од комуналии за брачни парови до 35 г. и 20% попусти за студентите

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува со конкретни политики и мерки насочени кон младите, со јасна цел да им овозможи подобри услови за живот, полесно решавање на станбеното прашање и поголема финансиска поддршка во текот на образованието. Ќе се реализираат три значајни мерки кои директно одговараат на едни од најголемите предизвици со кои се соочуваат младите, како што е обезбедувањето сопствен дом и студентскиот стандард за време на студирањето – посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштението кое го пренесуваме интегрално.

Првата мерка предвидува најмалку 10% од станбената површина во новоизградените станбени објекти да биде наменета за млади брачни парови до 35 години, по цена најмалку 20% пониска од пазарната. Оваа обврска ќе биде регулирана со закон, а градежните компании ќе мора да ја исполнат за да добијат дозвола за градба. Со ова се создава конкретна можност младите брачни парови полесно да дојдат до сопствен стан и да го решат едно од најважните животни прашања, обезбедувањето сопствен дом.

Втората мерка предвидува целосно ослободување од комуналии за младите брачни парови до 35 години кои ќе одлучат да градат сопствена куќа. И оваа мерка ќе биде законски регулирана, а ќе важи на територијата на целата држава. На овој начин значително ќе се намалат почетните трошоци за изградба на сопствен дом, со што младите семејства ќе добијат дополнителна финансиска поддршка и полесна можност да ја реализираат својата животна инвестиција.

Третата мерка е насочена кон студентите и предвидува воведување студентска картичка како дел од апликацијата М-услуги, преку која студентите ќе добијат најмалку 20% пониски цени, не само за топол оброк, туку и за низа други производи и услуги.

Со новиот модел, поддршката за студентите нема да се ограничи само на усогласување на студентскиот оброк со инфлацијата и трошоците за живот, туку ќе се прошири со дополнителни поволности кои ќе им помогнат да ги намалат секојдневните трошоци до 20 проценти.

Овие три мерки се дел од определбата на ВМРО-ДПМНЕ да понуди конкретни решенија за реалните потреби на младите, наместо политиката да се сведе на празни ветувања и декларативна поддршка. Нашата цел е младите да имаат услови да формираат семејства, да обезбедат сопствен дом, да се образуваат и да ја градат својата иднина во Македонија.

Како ВМРО-ДПМНЕ остануваме посветени на политики кои носат реални придобивки за младите, затоа што тие не се само иднината на државата, туку и нејзин најважен потенцијал денес.